Апелираме, политичките партии да се воздржат од ширење на непроверени податоци и информации, кои единствено можат да наштетат на истрагата, во објава на социјалните мрежи реагираат од Царинската управа на соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
„При заедничка контрола од страна на Царинската управа и Министерство за внатрешни работи, извршена на товарно моторно возило – комбе, а поради сомневање на МВР дека во комбето се превезува дрога, екипи на СВР Скопје, заедно со мобилен тим на Царинската управа и царинско куче, утврдија дека во возилото нема наркотични средства. При дополнителна контрола од царинските инспектори констатирани се неправилности во однос на пријавената стока по увозната декларација и фактичката состојба на стоката во возилото. Поради констатираните неправилности возилото е пломбирано и стоката е привремено задржана од страна на Царинската управа. По спроведената контрола, Царинската управа во соработка со надлежен јавен обвинител, ќе поднесе соодветна кривична пријава. Дополнително, Секторот за професионална одговорност при Царинската управа започна постапка со цел да се утврди евентуална одговорност или одредени пропусти на царинските службеници кои ја царинеле стоката.“, се наведува во реакцијата.
Од Царинската управа потенцираат дека „кога зборуваме за НУЛА толеранција против криминалот и корупцијата, не зборуваме само за декларативни заложби, туку зборуваме за конкретни и веќе преземени чекори кои даваат видливи резултати’.
Само минатата година, имаме 30% зголемен број на заплени и 60% зголемен број на поднесени кривични пријави, се истакнува во реакцијата на Царинската Управа.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение, прашаа – „дали Богоев дозволил шверц на 1.200 кг скапи телефони? Зошто царина молчи за скандал од стотици илјади евра? Наместо Царинската управа да ја извести јавност дека полицијата во акција спречила шверц на телефони, кои поминале на нивна контрола, тоа се дознава од медиумите“.