Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Ги слушам изјавите на Мицкоски секојдневно, не ми нудат надеж дека тој се менува на подобро. Напротив, се менува на полошо; во некоја смисла кај него гледам и осветнички порив. Самиот би пресудувал кога би бил во можност. Заедно со неговата администрација, која уште сега ја инсталира, за нас граѓаните нема голема причина за оптимизам.
ВМРО-ДПМНЕ е иста партија од времето на Груевски; Мицкоски, очигледно, поучен од минатите времиња, сака да наликува на Орбан од Унгарија или можеби да биде некоја нова верзија на Груевски!? Натаму ја вози приказната ако ги следите неговите половични и демагошки изјави кои корнат од противречности и конфузија. Во Европскиот концепт на државата не верува, не верува ниту дека воопшто би можело оваа земја да се интегрира, ако, се разбира, некој друг тоа го прави, бидејќи повеќе од очигледно е дека тој со Европа нема ништо.
Секојдневно зборува дека „ние ќе победиме“. Добро, а што всушност тоа би значело? Чисто семантички – кој тоа „ние ќе победиме“? Ние „вмроовците“ ќе победиме и ќе присвоиме сè, нели, на тоа ли мисли Мицкоски? Па, тоа веќе го имавме, а богами и видовме што тоа во пракса значеше. Ако имаат план за демократизација на земјава, ако работат на сечија слобода, просперитет, квалитетен и слободен живот, нема никаков проблем да дојде на власт. Впрочем, тоа е идејата на секоја опозиција – нешто е заробено, упропастено, а опозицијата ќе го ослободува и поправа. Одлично, ама во нашиот случај тоа не е така.
Овде е ослободено сè: секој може да зборува што ќе му ќефне; платите се зголемуваат, пензиите исто така; демократија има, нема прогон за ниту еден човек кој го негува плурализмот и слободата на мислење; има тука-и-тамо по некој прогон на граѓански активисти низ нацистичките мрежи и портали, ама секојдневниот живот, во некоја смисла, е прилично поднослив и плурален. Има ли некој што за слобода на говор е затворен, репресиран, малтретиран, избркан од работа од „страшниот комуњарски режим“?
Додека владее „страшниот комуњарски режим“, Мицковци добија и локална власт; потоа добија и локални пари и ресурси. Попатно, се (испо)вработија на „неопределено време“ и тука не планираат ништо да менуваат. А понајмалку планираат некој да им паметува каде, всушност, базично грешат. Така треба, пријателе, ова локалното е цело наше, така размислува нивниот локален „мудо“. Што тука вие не разбирате, гракаат по кафани и мрсомудат низ разно-разни локални Управни одбори. Логиката нивна менталитатски речено, е маркирање на територија и „запишување“ (за малку не реков замочување, пу, пу, скраја било!).
Еве ви само еден важен пример. Кога бараа предвремени избори – иако за предвремени избори не беа создадени никакви опипливи претпоставки (какви се тие избори во кои тебе единствено ти сметаат некакви фамозни Бугари?), Владата на Ковачевски не му ги даде, разбирливо, бидејќи немаше никакви објeктивни и реални околности за избори. Ниту земјава беше нападната, ниту се доцнеше со плати, ниту имаше социјални немири, ниту се одвиваше некакво незамисливо насилство кон обичните граѓани.
Ама од пусти мерак и ќеиф, тој, Мицкоски, да биде главен, бараше избори, па уште и предвремени. Од другата страна, намерата беше јасна: мобилизација на неговото членство и „желба за победа“. Значи што нему му свирне на онаа работа, ние сите треба да му дадеме сè: избори, власт, пари, неограничена моќ во којa тој ќе свири офсајт, шутира пенали, клизачи ќе се валка по тревата, а сите ние заедно треба да му се воодушевуваме и да му паѓаме на колена.
Од друга страна, ја имаме СДСМ на Ковачевски; очајување и пасивизација се добри единствено во литература, во реален живот такво нешто не е пожелно. Социјалдемократите мора да се изборат за овие претседателски и парламентарни избори. А ќе се изборат така што ќе (мора) победат. Имаат одличен претседателски кандидат, а тоа е Стево Пендаровски. Не е корумпиран, чесен е, пристоен, умерен, реторички е силен и не е националист. Сосема пристојно човечко битие кое репрезентативно може да не претставува дома и во странство. Притоа, Стево Пендаровски е прототип на Европски политичар за кој, видовме многу пати до сега, знае да пресече во интерес не личен, туку во интерес на граѓаните на оваа земја. Затоа од мене ги добива сите пофалби и заслуги.
На самиот крај има еден многу важен детаљ за кој сакам да предупредам: Мицкоски не смее да влијае на изборите во кој тој ќе ги мести коцките на одлучување заедно со неговите министри во техничката влада на Џафери. Ако тој одлучува, познавајќи го неговиот авторитарен табиет, тогаш Северна Македонија се отпишува од демократска и се запишува во авторитарна земја. И немојте после не знаевме и никој не ни кажа!
И право да ви кажам, неговата цел е таа. Мицкоски да најде начин да влијае на изборите, како пред, така и за време на самото гласање. Повеќе од тоа нему ништо не му треба. Имплицитниот легитимитет ако на таков начин му се „поклони“, за сè останато, како и до сега, ќе се погрижи сам.
Размислете умно.