Во медиумите често се објавуваат дезинформации за измените на Уставот. Таков пример е прилогот на ТВ Алфа објавен на 17 март 2024 со наслов: „Tиранската платформа за која Заев тврдеше дека не постои денес е македонска реалност“.
Во текстот се тврди: „Со уставните измени поради Преспанскиот договор Албанците влегоа во преамбулата, односно наместо македонскиот народ и заедниците на Албанците, Турците и слично, се воведе терминот македонскиот народ и делови од албанскиот народ, турскиот и така натаму. Со оваа навидум мала промена дефакто Албанците станаа државотворен народ.“.
Меѓутоа, не е точно тврдењето дека „Со уставните измени поради Преспанскиот договор Албанците влегоа во преамбулата“, затоа што Албанците беа дел од Преамбулата на Уставот во 1991 година. А терминот „албанскиот народ“ е воведен во Преамбулата со уставните измени усвоени на 16 ноември 2001 по Рамковниот договор, а не со уставните измени поради Преспанскиот договор.
Во Амандманот 4 од 2001 година, меѓу другото се вели: „Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“.
Со амандманот XXXIV (34) од 2019 година, во Преамбулата се избришаа зборовите „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се“, па сега во неа се вели: „Граѓаните на Република Северна Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“.
Затоа, тврдењето на ТВ Алфа дека „Со уставните измени поради Преспанскиот договор Албанците влегоа во преамбулата“ претставува дезинформација, која може да поттикне меѓуетничка нетрпеливост и поделби меѓу граѓаните.
Преземено: СМК