Комитетот за човекови права на Обединети нации денеска ја повика Велика Британија да се откаже од контроверзниот предлог-закон за депортација на бегалци во Руанда, кој би можел да стапи во сила следниот месец.
По разгледувањето на спорниот закон, Комитетот изјави дека жали за договорите од кои некои се постигнати со трети земји, особено Руанда, за преместување на барателите на азил, како и „напорите да се донесе Законот за безбедност на Руанда и покрај одлуката на Врховниот суд дека аранжманот нема да биде во согласност со меѓународното право“.
Комитетот соопшти дека апелирал до британската Влада да го повлече предлог-законот односно да го укине во случај да биде усвоен.
Владата на британскиот премиер Риши Сунак сака да пресели илјадници баратели на азил, кои секоја година пристигнуваат во Велија Британија со брод во Руанда, но правните процедури досега спречуваа некој да биде испратен во источноафриканската држава.
Врховниот суд на Велика Британија минатата година пресуди дека таквата политика е незаконска, бидејќи ќе има ризик луѓето испратени таму да бидат вратени во нивната земја на потекло и нивната безбедност да биде загрозена. За предлог-законот повторно ќе се дебатира во Парламентот на 15 април.