ПРВ ДЕЛ | ВТОР ДЕЛ | ТРЕТ ДЕЛ | ЧЕТВРТ ДЕЛ
ТИНА ИВАНОВА
Мисијата на македонските диригенти продолжува
Македонските диригенти оставиле и сè уште оставаат силен печат во концертниот живот во земјава воопшто, но особено во работата со Македонската филхармонија. За нив, во нивните млади години, настапот со Филхармонијата ќе биде престиж и предизвик, да застанат пред голем симфониски оркестар. Потоа, се разбира, и со своето искуство да придонесат во неговиот брз квалитативен растеж, во неговата успешна синхронизација, во хармоничниот однос. По истекувањето на мандатот на маестро Чавдарски како директор на Филхармонијата, за в.д. директор е назначен диригентот Ангел Шурев, кој, пак, по една година на оваа функција, ќе го наследи диригентот Фимчо Муратовски. Иако кусо, раководењето на Шурев со оваа институција ќе остави значаен белег, но многу повеќе од неговото директорување, со успеси ќе вроди неговиот ангажман како диригент.
Маестро Шурев, нарекуван „ангелот на музиката“, роден во Велес (1932), својата долга и богата уметничка кариера ќе ја почне овде, во својата родна земја, за да замине потоа во Белград, центарот на неговото уметничко творештво, вработувајќи се во Операта на тамошното Народно позориште. Таму, во тогаш главниот југословенски град, Шурев ќе оствари навистина завидна кариера. Диригирал со Симфонискиот оркестар и хорот на тогашниот Дом на ЈНА, потоа со Белградската филхармонија, каде што ќе биде и нејзин директор (1978 – 1982), но, сепак, во Операта ќе биде постојан гостин сè до своите последни денови. Почина во Белград на 72-годишна возраст (2004). А, по неговата специјализација на „Санта Чечилија“ во Рим, пак, три години ќе биде постојан диригент во Римската опера. Нема да се заборави неговиот огромен придонес во афирмацијата на македонското музичко творештво, како и на македонските музички институции и уметници, особено неговиот ангажман со Македонската филхармонија.
Критиката и публиката ќе се воодушевуваат на неговите извонредни, автентични креации, а музичарите во заедничката работа ќе имаат можност да научат многу и да ги отворат видиците кон едно ново поглавје од ова раскошно музичко творештво, да се втурнат подлабоко во оркестарските лавиринти. Бидејќи, Шурев ќе биде познат и како голем специјалист за оркестрација. Критичарот Владо Чучков, во една од своите рецензии под наслов „Концертно задоволство“, ќе напише: „Искусниот маестро Ангел Шурев ја возбуди публиката со цврсто оркестрантски поставената предигра ’Риенци‘ од Вагнер, за веднаш потоа мудро и вешто да го раководи оркестарот во реализацијата на ’Шпанската симфонија за виолина и оркестар‘ од Лало, притоа, речиси успешно, избегнувајќи низа подмолни камења, на кои лесно можеше да се насука бродот на Македонската филхармонија… Ангел Шурев и во Симфонијата во де-мол од Цезар Франк, една од најубавите симфонии на романтизмот, ја покажа својата диригентска зрелост, умност, вештина во организацијата и командувањето со голем симфониски оркестар…“ („Вечер“, 1990).
Маестро Фимчо Муратовски ќе биде еден од оние уметници што ќе ја има ретката можност да се испроба пред пултот на големото оркестарско тело што ќе биде во својот зародиш
Маестро Шурев ќе биде познат и по неговите заложби да воведува нови дела во програмската политика. И самиот за тоа ќе каже: „Мислам дека е многу корисно и за програмската концепција на сезоната на Македонската филхармонија да се презентираат нови дела што досега не се изведувани, а претставуваат големи вредности во историјата на музиката. Презентирањето нови дела секогаш претставува посебна обврска како на музичарите така и на диригентот. Јас верувам и во себе и во оркестарот на Македонската филхармонија и се надевам дека потешката работа ќе ја крунисаме со успешно презентирање на концертот“. („Нова Македонија“, 1976, М. Маневски)
Сепак, поради неговите бројни ангажмани како диригент и во другите градови во тогашна Југославија, неговото присуство во Скопје ќе почне да бледнее. Неговото место и како директор на Филхармонијата, но и како диригент, ќе го наследи Фимчо Муратовски. Но, како што и самиот ќе каже во неколку наврати, Скопје е градот со кој посебно е врзан, бидејќи во него израснал како музичар. За едно интервју во 1992 година, непосредно пред концертот на Македонската филхармонија и изведбата на Деветтата симфонија од Бетовен по пауза од 25 години од нејзината последна изведба во Скопје, Шурев ќе изјави: „Деветтата симфонија ја сметам за најдобро дело на Бетовен. Со музиката и текстот Симфонијата пренесува порака што е секогаш актуелна, посебно во сегашниов миг: ’Прегрнете се милиони од цел свет‘. Токму сега ни се потребни такви пораки, такви желби за мир. Би сакал да кажам дека ми е мошне драго што сум пак во Скопје, градот од кој израснав како музичар. Ќе се потрудам со оваа изведба на градот и на публиката да им го пренесам она што го чувствувам“. („Нова Македонија“, 1992, М. Павловски) И токму за овој концерт, критиката ќе каже: „…Ангел Шурев успеа да го постигне главното, без кое би било невозможно да се предаде моќниот дух на таа музика…“ („Нова Македонија“, 1992, Викторија Коларовска-Гмирја)
Маестро Шурев ќе биде запаметен, всушност, како еден од оние диригенти што целосно ќе проникнува особено во делата на македонските композитори обидувајќи се да навлезе во авторовите творечки, идејни креации. „Тој е оној истиот, грижливиот, педантен и авторитетен маестро Шурев што влева доверба што добива, бидејќи знае што бара од оркестарот. И, тој е од ретките кај нас, можеби единствен што проникнува во делото на музичкиот творец, просто речено докомпонирува, ревидира (преправа во оркестарска смисла) со намера да го поддржи зафатот на македонскиот композитор…“ („Нова Македонија“, 1997, Стојче Тошевски)
Маестро Фимчо Муратовски, покрај погоре споменатите, пред неговиот постојан ангажман во оваа институција, ќе биде еден од оние уметници што ќе ја има ретката можност да се испроба пред пултот на големото оркестарско тело што ќе биде во својот зародиш. Неговиот прв настап со Македонската филхармонија ќе го оцени и критичарот Драгослав Ортаков во рецензијата „Прв концерт на Фимчо Муратовски“ („Македонско радио“, 17.3.1958), поместена и во книгата „De Musicis“ стр. 29, потенцирајќи дека „на својот прв настап пред Скопската филхармонија, диригентот Муратовски ни се претстави како сериозен музичар, со прилично високо изградена музичка култура и студиозно приоѓање кон изведуваните партитури… Фимчо Муратовски го водеше оркестарот мошне суверено…“
Во седумдесеттите години на минатиот век Скопје ќе доживее своевидна културна пресвртница.
По една деценија и повеќе, маестро Муратовски доаѓа во Филхармонијата (1971) и ќе остане таму до 1983 година, период во кој првите седум години, како што е кажано погоре, ќе биде и нејзин директор. Самиот вели: „Мојот работен век може да се подели на три дела – првите 11-12 години бев во Операта, таму го учев занаетот (1959 – 1971), а потоа го совладував симфонискиот репертоар. Од 1983 до 1996 година, можев она што го имав научено, да им го предавам на студентите како професор на Факултетот за музичка уметност“.
За време на мандатот на Муратовски, еден од големите успеси на Македонската филхармонија, поточно на Камерниот оркестар, ќе биде турнејата во тогашна СССР, во 1971 година. „Со извонредните солисти Јован Колунџија на виолина и Кирил Божиновски на флејта, Камерниот оркестар на Филхармонијата настапи во повеќе градови во СССР. Тоа беше еден вид возвратна посета, бидејќи нивен оркестар претходно гостуваше во Скопје“, се сеќава маестро Муратовски. „Во 1972 се случи турнеја на Филхармонијата во Ниш, а во 1974 година се оствари голема турнеја по повод јубилејот – 30 години од постоењето на оваа институција, во Белград, Ниш и во Нови Сад, со виолинистот Благоја Димчевски како солист. Во 1977 година, пак, бевме на турнеја во Белград и во Љубљана, а во 1979 во Романија, во Темишвар, со пијанистката Дубравка Томшиќ“, вели тој. За неговото назначување на функцијата директор, ќе каже дека кога си заминал маестро Ванчо Чавдарски, местото директор на Филхармонијата останало празно. „Потоа, Владата го назначи диригентот Ангел Шурев како в.д. директор, кој не престојуваше во Скопје постојано, па назначија в.д. на в.д. – Тодор Скаловски. Но, се покажа дека тоа не функционира. Така, јас стапив на функција директор на најстара музичка институција“, вели Муратовски.
Тој се сеќава дека во тој период Филхармонијата е сместена во салата на Драмскиот театар, која, вели, нема да биде соодветна за работа на симфониски оркестар. „Немаше добри услови. Но, успеав да најдам средства да се приспособи тој простор, барем да има гримиорни за полесно функционирање на музичарите. Со оглед на тоа дека дојдов во јуни, требаше итно да се направи и програма за почеток на нова концертна сезона. Тогаш ги искористив сите контакти и првата година претежно гостуваа диригенти и солисти од земјите од поранешна Југославија.“ Вториот проблем, раскажува маестро Муратовски, со кој тој се соочил за време на неговиот мандат како директор, бил фактот што Филхармонијата немала своја концертна сала. „Прашањето беше: Каде да се одржуваат концертите? Домот на АРМ беше разурнат од земјотресот, па концертите се реализираа на разни места, меѓу кои и во тогашниот Дом на млади ’25 Мај‘, како и во Драмскиот театар. Се сеќавам на една интересна, комична, но и непријатна случка. Еден од диригентите гости падна во дупката долу, која беше зад него, и тоа среде концерт, бидејќи во салата немаше потпирка за диригентите. Но, тој стана, се качи на сцената и концертот продолжи. За среќа, не се повреди“.
Значајно е за овој период да се споменат и матине концертите, кои ќе предизвикаат големо внимание кај скопската музичка јавност. Драмскиот театар во попладневните часови ќе биде полн, а критиката мошне наклонета кон овие настани. Потоа, вели Муратовски, Домот на АРМ ќе биде конечно изграден и концертите ќе продолжат да се одвиваат таму.
Но, уште еден од проблемите ќе биде и недоволниот број музичари. „Соработувавме често со Операта. Се сеќавам дека еднаш, Петтата симфонија од Чајковски ја диригирав со само шест први виолини и пет втори итн. Но, потоа излегуваа нови кадри од Факултетот за музичка уметност и оркестарот полека се збогатуваше. Изведувавме дела од класичниот репертоар, а се отворивме и кон посовремената музика“.
Маестро Фимчо Муратовски вели дека денес, за него Филхармонијата е во голем подем, и квалитативно и квантитативно. „Тоа е сега оркестар што е способен да ги изведува и најкомплицираните дела“.
И покрај проблемите, меѓу нив и споменатите недоволен број музичари или несоодветни концертни простори, оркестарот на Македонската филхармонија мошне храбро ќе се бори да го донесе симфонизмот до висок степен на квалитет и конечно оваа држава ќе може да се пофали дека во своите пазуви има музичко тело, кое стои рамо до рамо со европските симфониски оркестри. А, како дел од тогашната југословенска федерација, нема да се наоѓа зад стапките ниту на оркестрите во соседството, кои можат да се пофалат со подолга традиција во класичната музичка уметност. Репертоарот ќе се збогатува, македонското симфониско творештво веќе станува зрело. Ќе почнат да се пробиваат и професионални кадри, кои ќе произлегуваат од Факултетот за музичка уметност од Скопје, како и од академиите од соседството. Бројот на концертите расте, а во биографијата на Македонската филхармонија ќе стојат запишани голем број дела од светската литература, изведени на високопрофесионално ниво, како што и критиката за тоа ќе биде едногласна.
Во седумдесеттите години на минатиот век Скопје ќе доживее своевидна културна пресвртница. Од една страна, културниот живот ќе биде богат со некои веќе воспоставени традиционални репери, а од друга, ќе се бори да ја придобие онаа модерна струја што ќе го зафати светот со појавата на авангардистите. Шаренилото од разни естетски влијанија ќе се почувствува и на ова поднебје, па и на подиумот на Македонската филхармонија. Оркестарот ќе се обидува да вметне дела што го красеа еклектичниот 20 век, покрај оние од т.н. „железен репертоар“. Особено важно, пак, ќе биде присуството на македонските уметници, кои ќе застанат на подиумот што за нив ќе значи и достигнување на еден од врвовите на солистичкото концертирање. Многу нивни имиња во овој период се запишани во историјата на Македонската филхармонија, кои ќе ја воодушевуваат публиката со своите магични настапи, покрај оние што веќе се споменати: Душа Тасеска, Ристо Краповски (виолончело), Владимир Крпан, Лилјана Иванова, Милица Шперовиќ-Рибарски, Јасминка Чакар, Стела Слејанска, Бранко Цветковиќ, Евушка Трпкова-Елезовиќ, Снежана Анастасова-Чадиковска (пијано), Милка Ефтимова (алт), Иван Кочаров, Ратко Спасовски, Борис Танасков (кларинет), Благоја Николовски (тенор), Никола Атанасов (флејта), Анастасија Божикова, Марија Муратовска-Наумовска, Емилија Аврамовска (сопран), Ратка Димитрова, Божидар Братоев, Михајло Куфојанакис (виолина), Михајо Докузов (хорна), Миомир Тасиќ, Милан Фирфов (бас), Анастасија Низамова-Мухиќ (мецосопран), Велко Тодевски (контрабас), Божидар Тумпеј (фагот), Кирил Рибарски (тромбон)… Се чини, во овој период Македонската филхармонија широко ќе ги рашири своите крилја за своите уметнички чеда и ќе им овозможи простор во кој тие ќе имаат извонредна можност да ги покажат своите способности.
На крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години на челните места на Филхармонијата ќе застанат реномираниот обоист Киро Давидовски, кој пред тоа многупати ќе концертира како солист со овој оркестар и кого критиката ќе го нарече „мајстор на својот инструмент“, а по него и како в.д. директор истакнатиот кларинетист Иван Кочаров, за да добие оваа институција во 1982 година уште едно диригентско име, маестро Александар Лековски, кој на оваа функција ќе остане до 1985 година. Лековски (1933 – 2013) се смета за еден од најистакнатите македонски музички уметници, кој по студиите во Белград, со полн жар, со силен ентузијазам своето знаење ќе го пренесува во Скопје, и како диригент, но ќе биде мошне плоден и на полето на творештвото. Беше директор на Македонската опера и балет, а под неговата диригентска палка прозвучеа десетици оперски и балетски премиери, беше и професор на Факултетот за музичка уметност. Но, како директор на Македонската филхармонија, наедно и како диригент на овој симфониски оркестар, ќе оствари мошне забележителни успеси диригирајќи дела од светската, но и од домашната литература. Како што ќе каже неговиот колега, маестро Фимчо Муратовски, „неговиот концертен репертоар беше богат и разновиден. Како симфониски диригент реализираше голем број симфониски и камерни концерти, исполнувајќи творби од сите стилски епохи и жанрови – од големите ораториски дела, преку симфониските опуси на големите мајстори, сè до малите камерни творби. За својата уметност секогаш беше топло наградуван од публиката и со високи оценки од стручната критика“. (12.3.2013, „Утрински весник“).
Тој ќе додаде и дека Лековски, како општественик, храбро и бескомпромисно ќе се бори за достоинството на музичкиот уметник и за создавање поволни материјални услови за да може музиката да ја извршува својата благородна општествена мисија. А, неговиот прв настап, пак, (29.6.1959) со тогаш т.н. Скопска филхармонија, ќе го оцени критичарот Драгослав Ортаков: „…За својот прв настап во Скопје, Александар Лековски одбрал програма од стандардниот симфониски репертоар, преку која секако најдобро доаѓаат до израз репродуктивните квалитети на еден млад диригент. Во реализацијата на Осмата Бетовенова симфонија, во придружбата на Четвртиот Бетовенов концерт за пијано и оркестар и во остварувањето на увертирата-фантазија ’Ромео и Јулија‘ од Петар Илич Чајковски, можевме да констатираме дека младиот Лековски е мошне надежен музичар, диригент со солидно поставена мануелна техника и изразни можности што ветуваат перспективен развиток…“ („De Musicis“/Критики и осврти, Драгослав Ортаков, стр. 81) Оттогаш, неговото диригентско стапче ќе слика прекрасни звучни пејзажи со оркестарот на Македонската филхармонија.
Во овој период, по разноразните преселби од еден во друг дом, Македонската филхармонија, како што е веќе потенцирано, ќе биде стационирана во Драмскиот театар каде што ќе ги врши своите проби на начин, како што велат упатените, кој ни малку нема да одговара на „технологијата на работата“ на оркестар од ваков калибар. Во еден текст за „Културен живот“ се поместени токму проблемите на оваа институција во борбата за свој постојан животен простор. „…Полека изминуваат тие 40 години континуиран развој на најголемиот македонски симфониски оркестар – а некои работи си остануваат исти, неизменети. Толкупати е веќе кажувано и пишувано: еден од најголемите проблеми со кои се судира Македонската филхармонија на патот кон уште поголеми достигања и резултати е – просторот за редовна дејност, основниот животен простор за еден оркестар за подготовка и концертирање…“ („Нова Македонија“, 1984, Фидан Јакоски) Проблемите со просторот Македонската филхармонија ќе ги има отсекогаш. До денес. Тоа ќе биде постојана борба и во минатото, особено пред конечното стационирање во Домот на АРМ (повторно како потстанар) нема да стивнуваат бурните реакции на музичарите, на композиторите, на публиката. Меѓу нив, и влијателниот композитор Тома Прошев: „Музичарите на Македонската филхармонија се извонредни мајстори. Тие можат да даваат извонредни резултати. Но општествената констелација, веројатно парите, веројатно ставот во однос на оваа гранка на културната дејност, како да беше периферна во глобалните разгледувања на македонскиот официјален општествено-политички и културен естаблишмент. Големи беа напорите на познатите македонски музичари некако да се ублажи тој расчекор меѓу можностите на Македонската филхармонија и нејзината вистинска презентација. Таа нема своја сала. Нема каде да вежба, таа е осакатена…“ („Нова Македонија“, 1984, Милена Тањга).
Фотографии: Скенирани од архивата на Филхармонија.
Продолжува…
(На Frontline.mk, по повод 80 годишниот јубилеј на најстарата културна институција – Македонската филхармонија, кој го одбележува токму оваа 2024, ќе бидат објавувани неколку текстови за нејзиниот историјат, со цел читателите подобро да се запознаат со нејзиното функционирање. Текстовите се преземани од монографијата „70 години Македонска филхармонија“, на авторките Тина Иванова и Роза Нолчева)