Климатските промени влијаат на брзината на ротацијата на Земјата и би можеле да влијаат на начинот на мерење на времето, се вели во една студија. Забрзаното топење на Гренланд и Антарктикот додава дополнителна вода во светските мориња и како резултат на тоа се забавува ротацијата на Земјата. Но, планетата сè уште се врти побрзо од порано. Ефектот е дека глобалните мерила на времето можеби ќе треба да одземат секунда од нашите часовници подоцна отколку што инаку би било случај.
„Глобалното затоплување веќе влијае на глобалното мерење на времето“, се вели во студијата објавена во списанието Nature.
Координирано универзално време (UTC) – кое го користи поголемиот дел од светот за регулирање на часовниците и времето – се пресметува со ротацијата на Земјата. Но, стапката на ротација на Земјата не е константна и затоа може да има ефект врз тоа колку се долги нашите денови и ноќи. Промените во течното јадро на планетата значеа дека Земјата се врти малку побрзо.
Од 1970-тите, за да се поправи ова, околу 27 престапни секунди се додадени на глобалниот часовник, при што мерачите на време планираат да одземат секунда за прв пат во 2026 година. Ова е познато како „негативна престапна секунда“.
Сепак, студијата открива дека топењето на мразот предизвикано од климатските промени делумно го неутрализирало тоа забрзување. Ледените плочи сега губат маса пет пати побрзо отколку пред 30 години, што значи дека негативната престапна секунда промена нема да биде потребна до 2029 година, сугерира студијата.
„Тоа е некако импресивно, дури и за мене, направивме нешто што мерливо ја менува брзината на ротирање на Земјата“, изјави Данкан Агњу, автор на студијата за NBC News.
Негативната престапна секунда никогаш претходно не била користена и, според студијата, неговата употреба „ќе претставува проблем без преседан“ за компјутерските системи ширум светот.
„Ова никогаш порано не се случило и претставува голем предизвик за да се осигураме дека сите делови од глобалната тајминг инфраструктура покажуваат исто време“, изјави г-дин Агњу, кој е истражувач на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего за новинската агенција АФП.
„Многу компјутерски програми за престапни секунди претпоставуваат дека сите се позитивни, така што тие ќе треба да се препишат“, додаде тој.
Деметриос Мацакис, поранешен главен научник за временски услуги во американската поморска опсерваторија, изјави за АФП дека „Земјата е премногу непредвидлива за да бидеме сигурни“ дали ќе биде потребна негативна престапна секунда во скоро време.
Човечките активности како согорувањето на фосилните горива предизвикуваат пораст на светските температури.
Тој пораст на температурата има огромен ефект врз животната средина, вклучувајќи го и брзото топење на глечерите и ледените плочи.
Извор: Би-Би-Си
М. Пешевска