„Ние во Уставот сме ставиле во два наврати две промени во минатото, а една од нив била и услов за нашето членство во ОН, дека нема да се мешаме во внатрешните работи на нашите соседи, тоа пишува во Уставот, тоа не сум го смислил јас, кога е напишано сум имал 15 години. Вие сега велите дека повторно наместо да преговараме, се што го предлагате наместо да преговараме со Брисел и со ЕУ ние всушност ќе преговараме само со Бугарија. Одложеното дејство е нешто што ние го дискутиравме на почетокот на процесот меѓутоа од сите беше оценето за жал како еден несериозен предлог бидејќи би значело нешто во идно време неопределено без да бидат јасно договорени чекорите до тогаш, а ние секако ќе имаме можност да разговараме бидејќи ова што го кажувате се вклучувајќи и дел од вашата програма е невозможно да се спроведе без отворање на Уставот. И сега сите прашања, реципроцитет, одложено дејство и Стразбур подразбираат крупни и долготрајни преговори со Бугарија кои што во меѓувреме сите наши соседи ќе ги однесат пред вратите на ЕУ“, рече првиот вицепремиер и секретар за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ во Топ Тема на ТВ Телма.
Маричиќ истакна дека почеток на преговорите и скринингот, тоа е разликата од првата и втората верзија на францускиот предлог
„Клучната разлика меѓу првата верзија и втората верзија на францускиот предлог, која ја прифативме е токму почетокот на преговорите и процесот на скрининг. Значи, да не биде самиот почеток условен од уставните измени, туку да се даде шанса тој процес да започне да отиде во некоја точка, во некоја фаза и од друга страна Бугарија да има гаранција дека тој процес нема бескрајно да трае, како што се обидува ВМРО-ДПМНЕ да го направи. Тоа е суштинската разлика меѓу двата предлога,“ рече Маричиќ.
Тој посочи и дека, се согласува дека треба да се бара консензус. Притоа, додаде дека од прв ден на позицијата вицепремиер, инсистира сите клучни документи кои ги изготвува секретарот за европски прашања да одат на Националниот совет за интеграција.
„Разговарав и со претседателот на Националниот совет, Александар Николовски, да направиме измени или да донесеме закон за преговори во кој што Националниот совет ќе има една силна улога во дискусијата и влијание врз преговарачките позиции. Значи, парламентот и опозицијата да добие улога во целиот процес за да Владата има посилни позиции затоа што ние и во тој дух ги испратив и ги дискутиравме и ги усвоивме со консензус патоказите за владеење на право на реформи во јавната администрација во Собранието,“ посочи Маричиќ.