Десетици илјади луѓе протестираа денеска против владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во центарот на Будимпешта, предводени од адвокат кој порано бил близок до власта, а неодамна започна политичко движење против владеењето на Орбан. Демонстрантите дојдоа до Собранието, а дел од нив извикуваа „Не се плашиме“ и „Орбан, поднеси оставка!“
Многумина ги носеа црвено-бело-зелените национални бои или го носеа националното знаме, симболи кои партијата на Орбан ги користеше како свои во последните две децении. „Ова се националните бои на Унгарија, а не боите на владата“, изјави една демонстрантка.
🇪🇺🇭🇺 Budapest, Hungary – now 👏 The streets of the Hungarian capital are filled with people tired of Viktor Orban policies 🫡pic.twitter.com/gchnoptFD9
— Intermarium 24 (@intermarium24) April 6, 2024
Протестот беше предводен од Питер Маѓар (43), поранешен сопруг на министерката за правда во владата на Орбан, Џудит Варга, кој планира да основа своја партија. Тројца демонстранти интервјуирани од Ројтерс истакнаа дека ги привлекол Маџар бидејќи тој бил близок со владата на Орбан и има внатрешно знаење за тоа како функционира.
„Знаевме дека постои корупција, но тој тоа го кажува како инсајдер и ни го потврди тоа“, рече Зузана Сигети, 46-годишна здравствена работничка, носејќи унгарско знаме. Таа изрази загриженост за образовниот и здравствениот систем и поради корупцијата. „Верувам дека ќе има промени“, рече таа.
Маџар стана познат во февруари кога даде запаливи изјави за внатрешното функционирање на владата. Тој го обвини Антал Роган, шеф на кабинетот на премиерот, дека водел централизирана пропагандна машина. Тој објави и снимка од разговор со неговата поранешна сопруга во која Варга детално го опишува обидот на висок соработник на шефот на кабинетот на Орбан да се вмеша во случајот со поткуп. Обвинителите сега ги истражуваат наводите од снимката.
Истрагата се одвива во политички чувствителен период за Орбан пред изборите за Европскиот парламент во јуни и по скандалот во февруари со помилувањето на човекот осуден за сексуална злоупотреба на деца, што доведе до оставка на поранешната претседателка и на Варга.
Г. Т.