Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Бизарно е тоа да се каже затоа што луѓето и книгите не можеш да ги „миксаш“ како што, впрочем, не можеш да ги миксаш бабите и жабите; што од друга страна, емпириски речено, јас и Венко сме речиси врсници (ако смеам да се поврзам себе во иста реченица со него?). Тој, Венко, имено, една година е постар од мене, а за мене, тој, Венко, претставува книга, студија, силно образование кое се претворило низ годините во „практична“ неврохирургија која им помага на луѓето да го продолжат својот живот релативно здраво и безгрижно.
А јас не сум ништо од сето тоа што Венко го претставува; јас не сум ремек-дело, а Венко е тоа, чисто ремек-дело. Затоа што така тоа оди, и така треба да биде кога се работи за книгите, кога се работи за силно и беспрекорно образовани луѓе. А со книгите знаете како оди? Оние лоши се раѓаат мртви, просечните живеат неколку сезони и во средината на четириесеттите никој повеќе на нив не се сеќава, не се сеќаваат ниту писателите кои тие книги ги испишале, а оние вонсериски може да проживеат многу, многу подолго од најдолговечниот „инсејн“.
Маестро Венко Филипче работи со живи луѓе (или на живи луѓе) благодарение на книгите – и следствено – благодарение на хируршката пракса. Со Венко луѓето остануваат живи, а таквото ремек-дело за сите нас живот значи додека го има во овој наш век и свет.
И додека во нас, неродените, родените, живеат стравови, треперења и надежи, знаеме дека луѓето од типот на Венко Филипче ќе ни помогнат на извесен начин да преживееме. Се разбира, Венко не е сам во својата работа, на неговата Клиника, со свои очи видов дека има луѓе кои самопрегорно работат на санирање на туѓата болка. Тоа, пријатели, не е мала работа. Тоа е сè што може еден човек да направи за другиот во еден животен век: да биде спасен. Да се биде спасен од сопствената болка, од тоа нема поголема работа на светот и „млечниот“ пат.
Понекогаш се прашувам: хирурзите и нивниот „стаф“ ги знаат нашите болки, па, оттука, се поставува логичкото прашање: добро, а што е тогаш со нивната болка(?); кој е тој што ја санира нивната човечка болка? За почеток тоа би требало да биде државата: да им вложи во опрема, повисоки плати на сестрите, докторите, специјализантите и сите тие луѓе кои циркулираат низ државните болници и клиники во целата Република. Пред неколку денови ја прочитав книгата на „Гордана Сафран“, фикционален лик од една чикашка Клиника; се работи за хирург во емиграција, жена која станува шеф на Клиниката за васкуларни болести, па на своите колеги од Балканот им вели: „лесно е да се биде хирург во Клиника која личи на свемирски брод; нашите хирурзи се исти, ако не и подобри од хирурзите во Чикаго, само што овдешните имаат вонсериски инструменти. Замислете што би правеле нашите хирурзи кога би ги имале истите услови за работа кои ги имам јас тука, во оваа чикашката Клиника за операција на срце?“, вели госпоѓата Сафран.
Мојот животен пат и моите интереси на таквиот животен пат и интересите на Венко Филипче се како што пееше Тома Здравковиќ во песната, „Ми смо два света различита“, или поточно, нашите животни патеки се различни, ама „политичките“, така да се изразам, се идентични и комплементарни. Неговите ставови за политиката се исти како и моите: солидарност, пријателство и братство. „Едно општество за сите“, пријателе! Така мене ме одгледаа моите дома: да гледам на луѓето без предрасуди, оние кои се колнат во друго, оние кои припаѓаат на други вери и нации, да ги почитуваме, разбираме и да работиме на разбивање на таквите предрасуди. Оти човек е човек, а нечовек е нечовек, и тоа е сè што до овој момент за луѓето го знам. И тоа, ми се чини, е единствента разлика меѓу нив, сè друго е тривијалност и чиста ефемерија, обична дневна шеќерна водичка.
Венко Филипче за разлика од неговиот опонент Александар Николовски е радикално и субверзивно поразличен: прво, далеку е по образован за разлика од човекот што никогаш ништо не работел во својата „политичка кариера“, освен ако не мислиме дека „фамилијаризираната приказна“ со неговата партија е некаква работа; Венко, пак, за разлика од другиот е доктор, хирург, психолог, човек до коска, не само во умот и срцето. Венко ја познава нашата човечка „трошна куќа“ во која работат нашите органи. За такво нешто да се познава, вам, неспорно, ви треба големо знаење за човекот. Хирургијата, притоа, не е само операција, хирургијата е еволутивна гранка од медицината, тоа секој лаик ќе ви го каже.
Ќе ви каже и тоа: во таа гранка од медицината постојат културолошки, економски и институционално-цивилизациски контексти: развојот на човештвото и медицината се и филозофски концепти кои отсекогаш се насочувани кон развојот на науката, па со самото тоа и хирургијата. За да бидеш врвен хирург, потребно е да ги познаваш луѓето, нивните проблеми, условите во кои се лечат, архитектурите на самите болници, хируршките инструменти, анатомските цртежи, па дури и илустрациите од самите хируршки интервенции.
И кога сè ова го имаш во предвид за човекот, сите „аргументи“ кои му ги плескаш в сурат вам ви паѓаат во вода. Читам, вели Александар Николоски: „Венко не знае дека е носител на четвртата изборна единица, не разбира дека таму луѓето живеат од земјоделие“. Знаете, тоа е само Александар Николоски, безобразниот кандидат од ВМРО-ДПМНЕ. Венко не знае каков е источниот дел на Македонија, тој расен научник и хирург, па чека Николоски, обичен напернат навивач да му каже каква била источна Македонија? Тјах! Нема поглупаво од тоа.
Може ли да го замислите тоа безобразие? Некој што не живее во источна Македонија, некој што нема никаква појма од овој дел на земјата, соли памет за тоа што бил истокот од Македонија? Но, да го заборавиме тој мал и неважен лилипутанец, а ние да се вратиме на нашиот голем Гуливер што ќе го претставува репрезентативно источниот дел на Македонија, поточно ќе ги претставува граѓаните во четвртата изборна единица на претстојните парламентарни и претседателски избори.
Венко Филипче е фасцинантна образовна енциклопедија која ќе го интегрира овој дел од земјата; тој човек е мултигенерациски „weltshmertz“ – брана од параинтелектуалните амбиции на никој и ништо.
Со овој човек имаме шанса да траеме сите заедно, без притоа да добиеме крвав облик на нашите судбини. Без разлика колку е ситуацијата лоша или би можела уште повеќе да се влоши во општеството ако само за момент се опуштиме, и посмислиме дека некаков бизарен партијаш кој никогаш ништо не сработил во својот живот, може да биде поголем „канал“ за решавање на проблемите на граѓаните од врвниот доктор и хирург Венко Филипче.
Затоа секогаш е важно да се потсетуваме кој се и што се луѓето кои ќе ги вршат најголемите функции во државата. Затоа што вистината за нив најчесто се испишува и како белег на животот. Едниот ни носи живот, а другиот што ни носи, не знаеме. И таа испишана вистина за овие две радикално спротивни личности ќе ни суди нам, граѓаните на оваа земја.
Јас мојот глас го давам за животот, ако ме разбирате што сакам да кажам. За мирољубивоста, за компетенцијата, за знаењето и науката. Мислам, се гледа тоа во очите, а очите никогаш не лажат.