Со презентација на програмите на средби со граѓани и митинзи, денеска продолжува изборната кампања на претседателските кандидати за првиот круг од изборите на 24 април.
Кандидатот за претседател на коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски денеска ќе ги посети скопските општини Сарај, Чаир и Ѓорче Петров, а митинг ќе одржи во општина Гази Баба, додека кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Кривогаштани, Крушево и Прилеп.
Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Скопје, на три локации во централното градско подрачје и пред граѓаните во Гостивар, каде вечерта ќе одржи митинг.
Билјана Ванковска, кандидатката за претседател на државата предложена од партијата Левица вчера имаше митингот во Кавадарци.
Кандидатот за претседател на Европскиот фронт Бујар Османи вчера оствари средби со жителите од повеќе населени места од кривогаштанскиот и од долненскиот регион.
Коалицијата Влен (Вреди) ги одложи вчерашниот митинг во Гостивар и сите денешни активности на претседателскиот кандидат Арбен Таравари поради тоа што во сообраќајна несреќа загина младиот гостиварец Е.А.