До 100 илјади денари на лекар специјалист, 5000 согласности за вработување, првпат плати за приватните специјализанти и шанса на сите млади лекари. Ова беа дел од мерките кои ги воведе д-р Венко Филипче во својот мандат како министер за здравство.
Ниските месечни приходи кои здравствените работници долги години ги примаа во јавното здравство беше една од причините зошто медицинскиот персонал од државното преминува во приватното здравство. Докторите, медицинските сестри, болничарите, техничарите и сите останати здравствени работници и соработници работеа за ниски плати без покачувања и без вреднување на нивниот труд со дежурства за викенди и празници.
Со цел задржување на квалитетниот медицински персонал, д-р Венко Филипче како тогашен министер за здравство ја направи најдобрата инвестиција во јавното здравство со покачување на платите на здравствените работници, како никогаш досега.
Во тој период, платата на лекарите специјалисти со дежурства достигна 100 илјади дена. Oсновната плата на лекарот специјалист се зголеми за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23%. На општите лекари се зголеми за 25%, а на здравствените соработници за 15%.
За споредба, просечната бруто плата на еден доктор специјалист во 2017 година изнесувала 72.192 денари. Со зголемувањето што го реализираше, докторите специјалисти во 2020 година почнаа да примаат 111.377 денари просечна бруто плата.
За споредба, според официјалните податоци, во 2017 година, просечната бруто плата на медицинските сестри изнесувала 37.753 денари, додека пак во 2020 е значително зголемена на 50.376 денари.
Во 2017 година, доктор на медицина примал просечна бруто плата во висина од 45.952 денари. Во 2020 година просечната бруто плата на доктор на медицина достигна 58.991 денар.
Зголемување на платите доби и наставниот кадар во здравството којшто е важна алка за развојот на сите здравствени работници. Просечната бруто плата на наставниот кадар во 2017 година изнесувала 87.517 денари, за во 2020 година да се покачи на 122.810 денари.
Во периодот 2018-2021 година, се зголемија и коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа, со што значително се подобрија условите за работа во здравствениот сектор.
Здравствената политика на Министерството за здравство беше дека само со покачени плати, вработувања и максимална грижа ќе се задржи медицинскиот персонал во јавното здравство.
„Постигнавме рекордно зголемување на платите на здравствените работници и соработници. Со повисоки плати, подобри услови за работа, специјализација и практично учење ќе ги задржиме лекарите да останат и работат во земјава. Правиме сѐ нашите здравствени работници да бидат горди и задоволни од својата работа. Започнавме процес со којшто ќе постигнеме нови стандарди и овозможуваме достоинствени услови за работа“, велеше д-р Филипче во однос на зајакнување на човечкиот капитал.
Д-р Филипче ќе биде запаметен како министер којшто најмногу се заложи и ги активираше младите лекари во здравствениот систем. Беа дадени повеќе од 5000 согласности за вработување, со што на секој млад лекар по завршувањето на студиите му се даде шанса да се ангажира и да работи во јавно-здравствените установи ширум државата.
За првпат, приватните специјализанти беа платени за својот труд, земајќи плата во висина од просечна плата на општ лекар. Со ова, приватните специјализанти првпат се почувствуваа дека се дел од системот, постигнувајќи нови стандарди со достоинствени услови за работа.
Исто така, се направи голем напор и за првпат секој млад лекар по завршувањето на лекарскиот стаж и добивањето лиценца за работа, имаше можност да се вклучи со платена работа во здравствените домови и да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и системот за патронажна нега. 134 медицински сестри почнаа со шестмесечна платена работа во Службата на патронажна дејност.
Ниту еден министер за здравство нема вложено толку многу во здравствените работници како што тоа го направи Венко Филипче во делот на зголемување на платите, набавка на нова опрема и подобрување на условите за работа во јавно-здравствените установи.
Д. Е.