Ќе успееме ли за помалку од четири години да направиме Скопје да блесне во сиот свој сјај и да го претставиме во најдобриот културен центар досега, како би можеле пред светот да се гордееме со титулата „Европска престолнина на културата“ во 2028?
Тренчева Слободанка-Боте, „Терапија“ за Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028, во изјава за Фронтлајн вели: Сакаме метропола со квалитетна културна програма!
„Скопје за четири години сакам, сакаме да го видиме како престолнина на културата, која вистински ја заслужила наградата, затоа што вредела и се покажала, а не затоа што е сожалувана. Сакаме метропола со квалитетна културна програма за сите генерации. Скопје го паметиме како мост на обединување. Ако Камениот мост ги спојува левиот и десниот брег на Вардар, тој мост некогаш нѐ поврзуваше и во ноќниот живот кога Чаршијата работеше до раните утрински часови, кога сите навистина бевме едно, кога повеќе се сакавме и пролетта како засекогаш да живееше тука. Можеби звучи носталгично, но на Скопје му недостига таа енергија и секако со духот на денешните, на младите генерации. Младите знаат како треба, само немаат простор да се изјаснат. Немаат места кои ќе им дадат шанса, а публиката безусловно да ги прифати. Ние во неколку наврати го дозираме Скопје со квалитетна ‘Терапија’, но за вистински да го ‘кренеме’ градот треба мобилизација на сите градски, урбани и убави (мислам духовно убави) луѓе. Нема да биде лесно, не знам дали ќе успееме, но тоа е ‘антибиотикот’ кој му треба на главниот град“, изјави Тренчева Слободанка-Боте.
Текстот е дел од 13 изјави на уметници и културни работници собрани во „ризницата“ на темата со наслов: За Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028 – Од улична некултура, до културна метропола.
Поврзано:
За Скопје „Европска престолнина на културата“ 2028 – Од улична некултура, до културна метропола