Претстојната влада најверојатно предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе мора да укине 130 државни институции за да го реализира планот за реформи во јавниот сектор. Тоа значи дека над 16 илјади вработени мора или да се отпуштат од работата или да бидат префрлени во приватниот сектор.
Планот на ВМРО-ДПМНЕ е и реорганизација на министeрства. Првата клучна промена е парламент со 90 пратеници, наместо 120, и реформа во изборниот законик со која земјата ќе биде една изборна единица. Другите промени се однесуваат на реорганизација на министерства и институции. Се проектира Министерство за енергетика рударство и минерални суровини, досега тоа бил еден сектор во Министерството за економија. Се планира досегашната Агенција за млади и спорт да биде трансформирана во Министерство за спорт, а секторот млади да влезе во Министерство за социјална политика, демографија и млади. Ресорот труд да влезе во Министерство за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура. Министерството за информатичко општество и администрација ќе биде министерство за дигитална трансформација. Во моментов Владата ја сочинуваат вкупно 16 министерства и 20 министри.
„За 10% е ветувано од ВМРО ДПМНЕ дека ќе се намали бројот на јавни институции, се предвидува укинување на позицијата заменик директор, како и намалување на управните и надзорни одбори и бројот на учесници во нив“.
Од друга страна, во јавниот сектор активни се вкупно 1.371 институции, вклучително и министерствата, во кои активно се вработени 128.879 луѓе, според Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација. Ако на ова бројка се додадат и оние кои се вработени со договор на дело -бројката доаѓа до околу 160 илјади.
Намалување на 10 проценти на јавниот сектор, како што ветува ВМРО-ДПМНЕ, во пракса треба да значи укинување на 137 институции и отпуштање на околу 16.000 вработени.
Дестан Јонузи