Со испитување на сведок на предлог на Јавното обвинителство во Основен Кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за Жан Митрев.
Предметот се однесува на измама, односно, како што соопшти своевремено ЈО, прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.
Предметот е оформен по допрен глас, откако се објави документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.
Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.