Жителите на општина Аеродом и населба Лисиче денес се организираат за протест против новиот ДУП со кој се предвидува бетонизација на Лисиче и изградба на висококатница на 12 ката, на крстосницата помеѓу булеварите „Србија“ и „12-та Македонска бригада“.
Спорниот ДУП за градска четврт ЈИ 09.01 за населба Лисиче вчера беше „шверцерски“ доставен до Советот на Општина Аеродром, како дополнителна точка непосредно пред почетокот на седницата.
ДУП-от беше донесен со 16 гласа „за“ и 11 „против“, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Тимчо Муцунски не одговараа на прашањата поставени од опозициските советници на СДСМ.
Во повикот за протест на социјалните мрежи, граѓаните повикуваат да се спротивстават на бетонизацијата на Лисиче и да кажат не за судбината скроена од општина Аеродром. Протестот е закажан во 18:30 пред општината.
„Вчерашното шверцерско усвојување на спорниот Детален урбанистички план за Лисиче е голем срам пред сè за Тимчо Муцунски и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Аеродром. Тоа е изневерување на довербата на најмалку 1.500 жители на Лисиче, но и на најмалку 18.000 жители на Аеродром кои во 2021 година го дадоа својот глас за Тимчо Муцунски. Особено заради фактот што оваа доверба беше потврдена и пред неполн месец со точно 1.960 гласа за ДПМНЕ во населба Лисиче и 24.594 во Општина Аеродром“, реагираше со коментар Милутин Ристески, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром..
Поврзано:
Спорниот ДУП за Лисиче усвоен со 16 гласа ЗА, против гласаа 11 советници на СДСМ и Левица