Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Во земја во која предвремени парламентарни избори беа и татко и мајка за се’, оние редовните ни дојдоа како некоја патологија, извориште на некаков анахронизам. На изборите, имено, кои беа редовни претседателски и редовни парламентарни, некако разбравме дека и не е толку лошо, чисто календарски и „нормално“, тоа пак што резултатите отидоа газ-глава, тоа беше, нели, „волјата на народ“? За волја на вистината, пак, таква воловска волја јас не сум видел никогаш во мојот „свесен и возрасен“ живот. Таква (воловска!?) волја ги суспендираше сите други параметри.
Ако оваа констатација ви се чини претерена, сетете се дека името на сопственикот на предвремените избори намерно не му го испишав името, а сигурен сум дека сите разбравте за кого станува збор. А таквите пак индикатори никогаш не грешат.
И не, се разбира, таквиот не се викаше Зоран Заев или Димитар Ковачевски. Таквиот татко и мајка на предвремени избори се нарекуваше (или се одsиваше на) „Никола Груевски“. Оној другиот, имено, Христијан, цели четири (и повеќе!) години не малтеретираше со „ајде на превремени избори“, а богами имаше и од кого да учи.
Денес, пак, на другата страна од онаа „политичка чаршија“ која е „победничка“ и „горда“, имаме избори во СДСМ, партија која удри в sид, па, еве, речиси месец дена од завршувањето на изборите се обидува да се свести од ударот. Притоа, велам, најсериозен канидидат за главен опозиционер во земјата оди кај Венко Филипче, нашиот угледен и познат хирург, бивш министер за здравство, човек кој го штитетеше и менаџираше нашиот јавен здравствен систем во времето на лудиот и масовен Корона вирус, чисто како мерка на преживување. Останатите противкандидати на Филипче се Славјанка Петровска, Јован Деспотовски и извесен Александар Бајдевски.
Додека ги испишувам овие редови, знам дека веќе се наsираат коментари од типот: „Ненаде, црни Ненаде, де, лебати, баш сакам да видам што ќе кажеш за овој“, или, „чекај, чекај, де баш да видиме што ќе кажеш за неа/него…“ И овде, авторот, секако има што да каже, во спротивно не би бил автор, туку би бил крпа за пребришување или би бил „спален Јан Палах“ на некои од нашите јавни површини (за малку не реков „плоштади“!).
Јован Деспотовски ми делува умно, too much фенси, класична тинк- тенковска позиционираност; Јово е претставник на онаа фина, граѓанска, ама премногу „Дебар маалска“ компонента за мој вкус, и се плашам дека нема да донесе никаков сигнификантен резултат за базата на СДСМ, затоа што СДСМ не е само во Скопје, таа партија има и свои „рурални“ и плебесцитарни делови, а тамо Јово не поминува дури ниту кога би им влегол со булдожер. Не затоа што Јово е неспособен, далеку од тоа, ами затоа што идејата на препознавањето во политика е се’, а Јово не е тој формат, ако беше, се имаше и кога, ако ме разбирате што сакам да кажам.
Славјанка Петровска е прекрасна жена, борбена, стамена, моите симпатии нема да изостанат, бидејќи знам политички што работеше и како се бореше. Нејзините афинитети за лидер на СДСМ се неспорни, ама сепак, во овој конетекст, во ваква поставеност, кога наспроти себе имате аждаја од преку „80 надрнадани фиќфириќи“ во Собрание, едноставно речено Славјанка го нема тој симболички капитал, ако го имаше, се имаше и кога, ако ме разбирате што сакам да кажам.
За Александар Бајдевски не знам што да кажам, прв пат слушам за него чисто „на ниво“ на име и презиме, ама од друга страна, што знам, има некои луѓе кои „играат само за да учествуваат“, па, во таа смисла му посакувам многу среќа, здравје и многу љубов. Љубовта е важна, љубовта ги победува сите. Александар нека не очајува.
А сега да одиме со најголемиот фаворит, Венко Филипче. Филипче, имено, ја потврди кандидатурата, напиша програма и вчера имеше и свое интервју на онлјан порталот „Фокус“. Има ли шанса Филипче на оваа трка? Има, се разбира, ама пред да се фати во коштец со главните противници, Филипче ќе мора да ги спречи „пријателските огништа“, затоа што на многу луѓе во опозицијата (а опозиција не е само СДСМ) неговото влегување во политичката арена баш и не им одговара, без разлика што ќе зборуваат кога микрофоните се уклучени.
Исто така, Филипче би можел да биде оној што, работејќи за себе и за јавниот интерес, работи за грогираната и дезориентирана опозиција, а оваа би морала да биде баш карикатурално неспособна и суетна па да ја пропушти таквата прилика.
Со други зборови, елементарниот политички разум налага сериозна политичка поддршка за Филипче од сите правци на онаа „демократска и проевропска“ политичка и јавна сцена, партиска и надпартиска/вонпартиска. Време нема многу, ресурси од разни врсти има се’ помалку, ама примерите од други земји ни покажуваат дека вакви кандидати како Венко Филипче, кандидати од ваков профил и маштаб, со адекватна поддршка од сите, понекогаш суштински ги менуваат правилата на игра, и тоа тамо кајшто се чини дека за долго ништо нема да се промени.
Мицкоски денес е комотен, има шаренолика коалициона менажерија, со сите негови бизарни „стратешки партнери“, ама за играчи од типот на Венко Филипче нема решение, оттука и неговата нервоза во соопштенијата за изборните кандидати на СДСМ. Што ми кажува и уште нешто: ако Венко Филипче стане лидер на СДСМ, немам никаков сомнеж дека Мицкоски ќе се обидува таа нервоза кон СДСМ и самиот Филипче да ја зголемува, а не да ја лечи со некои политички седативи.
Се’ на се’, Венко Филипче може да биде голем адут на опозиционата сцена во земјава, ама исто така може да биде и успешно отклучена шифра за една далекусежна промена. Крајот на јуни е близу, то ест, не е предалеку ако на време се тргне и ако се знае каде и зошто се оди.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Текстот е личен став на Авторот.