Холивудските актери Блејк Лајвли и Џастин Балдони постигнаа вонсудска спогодба, со што и официјално заврши нивниот повеќегодишен правен спор поврзан со филмот „It Ends With Us“ (Завршува со нас). Со овој договор се откажува судењето кое требаше да започне во мај, а деталите и условите од спогодбата остануваат далеку од очите на јавноста, пренесува американскиот медиум NBC News.
Правната битка започна откако Лајвли го обвини Балдони, кој беше нејзин партнер и воедно режисер на филмот, за сексуално вознемирување за време на снимањето. Таа дополнително тврдеше дека неговата продуцентска компанија спровела одмаздничка кампања против неа откако се пожалила за неговото несоодветно однесување. Балдони категорично ги отфрли сите обвинувања, по што поднесе противтужба против Лајвли и нејзиниот сопруг, актерот Рајан Рејнолдс, за клевета и изнуда, тврдејќи дека се обиделе да му го уништат угледот и да ја преземат контролата врз филмот.
Адвокатските тимови на двете страни излегоа со заедничко соопштение во кое истакнаа дека крајниот производ, односно самиот филм, е извор на гордост за сите кои работеле на него. Тие порачаа дека остануваат посветени на подигнување на свеста и поддршката за преживеаните од семејно насилство, што е и главната тема на филмот. Адвокатите додадоа дека го признаваат процесот како предизвикувачки и дека „загриженоста изразена од г-ѓа Лајвли заслужуваше да биде слушната“.
Спогодбата доаѓа само еден месец откако федералниот судија Луис Џ. Лиман отфрли голем дел од тврдењата на Лајвли, вклучително и оние за вознемирување, клевета и заговор, но дозволи процесот да продолжи за прекршување на договорот и одмазда. Судијата претходно ги отфрли и противтужбите на Балдони. Овој високопрофилиран случај го потресе Холивуд, особено поради откривањето на приватни пораки меѓу познатите личности, вклучувајќи ги Рејнолдс и поп-ѕвездата Тејлор Свифт, и отвори широка дебата за сексуалното вознемирување и работните услови во филмската индустрија.






