Во видео обраќање на Конференцијата за мир и одржлив развој во Атина, генералниот секретар на Организацијата на Обединетите Нации, Антонио Гутереш посочи дека пред шест години народите на Грција и Северна Македонија, предводени од нивните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, се обединија за да помогнат во отстранувањето на долгогодишната пречка кон иднина на мир и стабилен развој, по што се дојде до постигнување на Договорот од Преспа.
„Преспанскиот договор е сведоштво за моќта на дипломатијата, дијалогот и компромисите. Сакам да го признам посветеното посредување на мојот личен пратеник во тоа време, Метју Нимиц. Договорот не само што го реши спорот за името, туку и ги отвори можностите за нови прилики за раст, контролирана размена и регионални партнерства. Додека го одбележуваме овој значаен настан, мора да најдеме начини повторно да се посветиме на принципите што доведоа до ова витално постигнување. Тоа ќе го направиме со градење на околина на доверба и меѓусебно разбирање, со промовирање на прекугранична соработка за стабилни инвестиции, социјална инклузија и заштита на животната средина“ порача Гутереш.
Меѓународната конференција за мир и одржлив развој, организирана од Институтот Алексис Ципрас и Фондацијата Зоран Заев – Едно општество за сите, се одржува денеска и утре а предвидено е учество на шефови на држави, европски комесари, академици, поранешни шефови на држави и експерти од повеќе области.
Поврзано:
Заев и Ципрас му ја врачија првата Награда за мир Преспа на Метју Нимиц