Најмалку 87 лица загинаа во стампедо за време на верска манифестација во северната индиска држава Утар Прадеш, јави телевизијата НДТВ. Властите засега информираа за 60 смртни случаи.
Стампедото се случи во селото Пулраи, во округот Хатрас, околу 200 километри југоисточно од главниот град Њу Делхи. „Во моментот не го знам точниот број на жртви, но тој изнесува околу 60… Постојат можности тој број да се зголеми,“ изјави портпаролот на окружната полиција Маниш Чикара.
Според вишиот полициски инспектор на градот Етах, Раџеш Кумар Синг, инцидентот се случил за време на сатсанг (духовен собир) во селото Пулраи. „Дваесет и седум тела пристигнаа во болницата во Етах. Меѓу загинатите се 23 жени, три деца и еден маж,“ изјави Синг за репортерите.
Според шефот на полициската станица во Сикандара Рао, Ашиш Кумар, стампедото очигледно се случило поради големата гужва.
Лидерот на сојузната држава Утар Прадеш, Јоги Адитијанат, изрази сочувство до семејствата на загинатите и нареди истрага за инцидентот. „Дадени се насоки на надлежните службеници за спроведување акции за помош и спасување, како и за обезбедување соодветен третман на повредените,“ напиша на платформата Икс.