Владата на својата официјална веб-страница во делот „отчетност“ ги објави платите на функционерите од владиниот кабинет, пишува Слободен печат.
Платата на премиерот Христијан Мицкоски изнесува 140.450 денари, односно околу 2.280 евра. Вицепремиерите и министрите земаат нето-плата по 115.540 денари (1.870 евра), освен министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој зема дополнителни 20 отсто во износ од 24.865 денари заради извршувањето на таа функција, па неговата плата изнесува 140.405 денари, исто колку на премиерот.
Бруто-платите на актуелните министри изнесуваат 176.830 денари, сума што е за 60.000 денари повисока од нето-платите. Според пресметката, за нето-платите на 23 министри и на премиерот секој месец плаќаме околу 2,8 милиони денари (46.000 евра), а за нивните бруто-плати по 4,3 милиони денари, односно по околу 70.000 евра. Тоа годишно изнесува 843.000 евра само за министрите, без замениците-министри и другите функционери во Владата. Не е познато колку вкупно нè чинат платите на сите 1.060 избрани и именувани функционери во државата, меѓу кои и на судиите, градоначалниците, пратениците итн, затоа што не се објавени транспарентно.
Минималната плата во Македонија изнесува 22.567 денари, а просечната плата во април изнесува 40.937, од што произлегува дека еден министер зема пет минимални плати, односно речиси три просечни плати, пишува Слободен печат.