Голем број градови ширум светот бараат дополнителни начини да ја зајакнат својата „ноќна економија“. Поради тоа, околу 100 града денес имаат тн. „ноќен градоначалник“ со задача да го поттикнат развојот на ноќниот бизнис.
Но, повеќето од тие градови, на пр., Лондон, Сиднеј или Њујорк, не се „будни“ цела ноќ. Со други зборови, тие не дозволуваат кафулињата и ноќните клубови да останат отворени и да служат алкохол 24 часа на ден. Во тој контекст, по примерот на Берлин и Токио, и Монтреал – вториот по големина град во Канада – планира да се вклучи во 24-часовниот активен живот. Со тоа, оваа метропола ќе стане прв град во Канада што ќе го воведе тоа.
Во таа смисла, кафулињата во „експерименталниот“ целоноќен кварт во центарот на Монтреал ќе добијат лиценца да останат отворени и да служат алкохол цела ноќ.
Градските власти велат дека овој потег ќе донесе стотици милиони долари дополнителни приходи. Во мигов, кафулињата во градот мора да се затворат до три часот наутро. Во Торонто, на пр., овие угостителски објекти се затвораат до два часот, а во Ванкувер, исто – три часот.
Од другата страна на Атлантскиот, пабовите во Лондон сè уште обично се затвораат во 23 часот. Сепак, градот има неколку ноќни клубови и барови кои остануваат отворени цела ноќ, благодарение на флексибилните закони за лиценцирање.