Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА / ЦИВИЛ МЕДИА
Бегството на Блерим Рамадани, поранешен припадник на ОВК е одлична можност за сите пропагандни кујни од сите агли на политичката џунгла да се истакнат со сите свои таленти и капацитети.
Да се потсетиме: Блерим Рамадани е уапсен во јули на македонско-косовскиот граничен премин Јажинце, врз основа на потерница издадена од Србија до Интерпол. Србија ја темели потерницата на сомневање дека Рамадани извршил воени злосторства во регионот на Неродиме, Косово, во 1999 година, кога бил припадник на ОВК. Македонскиот судија Пајазит Пајазити носи одлука Рамадани да остане во куќен притвор до 16 август, но тој побегна непосредно пред истекот на тој рок, затоа што, наводно, дознал дека судот ќе му одреди мерка притвор, но и дека му се спрема екстрадиција во Србија.
Следи лавина од меѓусебни обвинувања и префрлање на одговорноста меѓу власта и опозицијата, но и внатре, меѓу институциите што ги води ВМРО-ДПМНЕ. Министерот за правда Игор Филков го обвини судијата Пајазит Пајазити. Мицкоски ги обвини „тефтерчињата“ на СДСМ и ДУИ. Шефот на Дирекцијата за извршување санкции, Пандов ги упати новинарите да бараат одговори од МВР. Владиниот коалициски партнер ВЛЕН е воздржан по бегството, иако по апсењето на Рамадани, министерот Арбен Таравари и првиот вицепремиер, Изет Меџити, изјавија дека се прават напори Рамадани да се ослободи. Опозициската СДСМ бара одговорност од првиот полицаец, Тошковски. И Кривичниот суд ја лоцира одговорноста во МВР, а Судскиот совет формира цела една комисија што треба да го разгледа случајот.
Накратко, вообичаена македонска политичко-судска папазјанија со многу националистички набој, како во кодираниот говор на политичарите и медиумите, така и сосема отворено на социјалните медиуми.
И среде сета таа мешаница и трескавично бегство од одговорност, а истовремено и спринт по политички поени, никој не се сети (или не сакаше да се сети) да ја погледне ситуацијата од малку поинаков агол.
Дали и на кој начин се оценуваат меѓународните механизми од аспект на обврските, но и заштитата од можни политички и други злоупотреби?
Овде е исклучително важно да се напомене дека во продолжението на овој прилог не се прави обид да се реши самиот случај со апсењето, притворот и бегството на Блерим Рамадани, туку се зема како повод да се разгледаат неколку важни особености на меѓународниот механизам што го овозможува легендарниот Интерпол, големите успеси на оваа организација, но и неколку алармантни примери за политички злоупотреби. Сепак, важно е да се погледне овој и други случаи од аспектите што се презентирани овде, за да се одговори на прашањето дали македонската полиција и другите институции целосно ја разбираат својата функција и надлежности и дали се подложни на политички и други манипулации и притисоци однадвор и од внатре.
Претставата за Интерпол нема врска со реалноста
Општо прифатената претстава за тоа што е Интерпол нема никаква врска со реалноста. Обично се мисли дека Интерпол е некоја посебна полициска единица што ги гони криминалците преку границите меѓу државите, па и континентите. Всушност, Интерпол не е ни полиција. Тоа е меѓународна иницијатива која датира од 1956 година создадена со цел „да обезбеди и промовира најширока можна меѓусебна помош меѓу сите полициски органи што го гонат криминалот [criminal police authorities]“.
Со други зборови, Интерпол не е институција, полициски ентитет или агенција, туку е меѓународна организација која служи како инструмент за соработка меѓу полициските органи во државите што соработуваат меѓусебно. Уште попрецизно, Интерпол е алатка за стандардизирано и рационализирано споделување информации со што се овозможува соработка меѓу државите и нивните органи за прогон во борбата против прекуграничниот и меѓународниот криминал.
Налогот за апсење од Интерпол не е обврзувачки
Интерпол е значаен меѓународен инструмент во кој членуваат дури 196 држави, кој одржува централна база на податоци за кривични дела, вклучително и убиства, силувања и измами.
Најзначајната, а воедно и најчувствителната функција на Интерпол се состои во можноста земјите-членки да издаваат необврзувачки налози за апсење или „известувања“, со кои се бара притвор на бараните бегалци.
Да, токму така, налозите, односно известувањата што ги издаваат земјите членки до Интерпол НЕ СЕ ОБВРЗУВАЧКИ.
На веб страницата на Интерпол, на прашањето дали самиот Интерпол гони лица, одговорот е многу јасен:
Не, нив ги бара некоја земја или меѓународен трибунал.
ИНТЕРПОЛ не може да ги принуди органите на прогонот во која било земја да уапсат некого кој е предмет на Црвено известување [Red Notice].
Секоја земја-членка одлучува каква правна вредност му дава на црвеното известување и овластувањето на нивните службеници за спроведување на законот да вршат апсења.
Овој податок не значи дека Интерпол како меѓународен инструмент за борба против криминалот нема реална моќ и влијание во светот. Напротив. Само е потребно да се разграничат значењата и одговорностите, како на Интерпол, така и на релевантните институции на национално ниво.
Значајна сила во глобалната борба против криминалот: Светски познати операции на Интерпол
Точно е дека Интерпол, формиран во 1914 година, претставува значајна сила во глобалната борба против криминалот. Во услови кога криминалот е глобализиран и станува сè покомплексен и софистициран, тоа е исклучително важен инструмент за размена на информации и координација меѓу органите за прогон во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и луѓе, воените злосторства и тероризмот.
Светски позната е операцијата Либертад кога речиси 350 потенцијални жртви на сексуална експлоатација и принудна работа беа спасени во април 2018 година, која вклучи полициски акции во 13 земји на Карибите, Централна и Јужна Америка. Тогаш, Интерпол помогна во спроведување координирани полициски рации и претреси, при што освен малолетните жртви, беа запленети голем број документи, опрема, мобилни телефони и готовина.
Илустративна е и операцијата Нептун 3 летото 2021 година во пет медитерански држави и тоа Алжир, Франција, Италија, Шпанија и Тунис. Летната сезона во овие земји е време кога меѓународните граници по копно, вода и воздух секојдневно ги преминуваат илјадници луѓе и возила. Тие рути се совпаѓаат со криминалците, трговците со луѓе и терористите.
Според извештајот на Интерпол, операцијата Нептун 3 резултира во апсење на 29 лица под различни обвиненија: тероризам, трговија со дрога, кражба на возила, злосторства против деца, сексуално насилство, измама и трговија со луѓе, и други кривични дела. Беа запленети 17,5 килограми кокаин, со проценета улична вредност од 1,2 милиони евра, повеќе од 20.000 екстази таблети, 189 кг тутунски производи, три луксузни автомобили, два мотоцикли, еден пиштол и 29 ловечки пушки, како и над 260.000 евра во кеш.
„Мрачната страна“ на Интерпол: Високата цена што ја плаќаат жртвите на политичкиот прогон
Но примената на овој меѓународен инструмент има и „мрачна страна“, поточно, Интерпол неретко се злоупотребува како оружје на авторитарните режими за пресметка со неистомислениците или со држави со кои имаат отворени прашања и тензии.
Авторитарните режими често го злоупотребуваат системот Црвено известување и го претвораат Интерпол во ефикасно и прецизно оружје со долг дострел, надвор од досегот на нивната моќ. Тие ги криминализираат своите неистомисленици, политички опоненти или други ентитети во други држави, со тоа што Интерпол го ставаат во служба на своите агенди, спротивни на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи.
Примери со издавање на сомнителни Црвени известувања има многу. Така, со злоупотреба на Интерпол, мета стана Бил Браудер, поранешен финансиер со седиште во Русија, кој прерасна во критичар на Путин и застапник за борба против корупцијата. Во десетиците примери за руската злоупотреба на Интерпол спаѓа и финансискиот експерт Никита Кулаченков, кого руската опозиција го ангажираше за истражувања за коруптивното дејствување на Кремљ.
Преку Интерпол беа барани и Бени Венда, индонезиски активист и бегалец, Ерик-Нилес Крос, естонски политичар кој се спротивставува на руското мешање во Источна Европа, Хаким Ал-Араиби, фудбалер од Бахреин и бегалец кој живее во Австралија, Јидиреси Ајшан, ујгурски активист кој говореше против кинеската влада; Доган Аханли, турски активист за човекови права, и многу други.
Цената што ја плаќаат жртвите на политичкиот прогон од авторитарните режими преку овој полициски инструмент е несогледливо висока. Страдаат угледот и професионалната кариера, како и семејствата на неправедно прогонетите со овие злоупотреби. Тие живеат во постојан страв дека судбината (Интерпол) би можела да ги врати во авторитарна земја за да бидат затворени или – убиени.
Русија е најпозната според бројот на политички злоупотреби на Интерпол. Кремљ има издадено околу 40% Црвени известувања во Интерпол. За споредба, САД со повеќе од двојно побројно население, има само околу 4% Црвени известувања во Интерпол.
Српската „Бела книга“ и Интерпол: Долгогодишна политичка пресметка со Косово; примерот со Агим Чеку
Една од земјите што со години го привлекуваат вниманието на дел од регионалните и меѓународните новинарски и експертски кругови кои ја следат работата и можните злоупотреби на Интерпол е токму Србија.
Властите во Белград, само до 2017 година имаа 157 државјани на Косово во својата таканаречена „Бела книга“ кои треба да бидат уапсени во моментот кога ќе стапнат на српска територија. Меѓу нив се наоѓаат голем број поранешни борци на УЧК, но и политичари и јавни личности кои немале допирни точки со УЧК во војната во 1999 година. Еден дел од косовските државјани што се наоѓаат во српската „Бела книга“ се исто така барани од српските власти – преку Интерпол. На листата на барани лица преку Интерпол своевремено се најде и Агим Чеку во 2006 година и тоа во својство на премиер!
Интерпол тогаш ја укина потерницата, што предизвика бура од реакции во српските и просрпските медиуми во земјата и во регионот, на што Интерпол реагираше со соопштение во кое, меѓу другото, тврдењата во медиумите и изјавите на српските функционери ги оцени како погрешни, став кој бил испратен и како формална порака до властите во Србија во март 2006 година.
„Спротивно на медиумските извештаи и јавните изјави на одредени официјални лица во Србија, ИНТЕРПОЛ не ја ‘укина’ српската потерница, бидејќи ИНТЕРПОЛ не може и не се обидува да ги укине налозите за апсење издадени од националните судови. Сепак, според своите правила, од ИНТЕРПОЛ се бара да не циркулира и регистрира информации или на друг начин да соработува со националните власти кога бараната соработка не е компатибилна со правилата на организацијата“, се вели во тоа соопштение на Интерпол.
„Доследната“ соработка на Белград со режимот на Лукашенко на сметка на Интерпол: Случајот со новинарот Андреј Хниот
Светски познат е и примерот на „доследната“ соработка на српските власти со режимот на Лукашенко во Белорусија, токму врз основа на потерница од Интерпол.
Според извештајот на Фридом Хаус објавен на 11 јули годинава, на 31 октомври 2023 година, српската полиција го приведува белорускиот активист и новинар Андреј Хниот на белградскиот аеродром врз основа на лажно Црвено известување на Интерпол побарано од белоруската влада. Хниот, кој се соочува со лажни обвиненија за затајување данок, беше под лупа на белоруските власти откако ги обедини спортистите против белорускиот претседател Лукашенко и соработуваше со независните медиуми за време на продемократските протести во земјата во 2020 година.
По апсењето на Хниот во Белград, надзорниот орган на Интерпол ги информира неговите адвокати дека налогот за апсење е блокиран. Но тоа не им било доволно на српските власти. Хниот помина седум месеци во српски притвор, по што Вишиот суд во Белград ја одобри неговата екстрадиција во Белорусија со одлука од мај 2024 година. Во моментот на објавување на извештајот на Фридом Хаус, Хниот се наоѓаше во домашен притвор во Србија. Тој ја обжали пресудата на белградскиот суд, тврдејќи дека неговото враќање во Белорусија ќе доведе до негова „болна смрт“. Белоруската опозициска лидерка упати јавен апел до српските власти да не го испорача Хниот на белорускиот диктаторски режим. Конечната одлука на судот во Белград се очекува на 27 август.
After seven months of imprisonment, Belarusian activist Andrei Hniot was released in Serbia and is now under house arrest. He was detained at the request of Belarusian security forces. The activist was placed on an Interpol wanted list on trumped-up charges of tax evasion.
I am… pic.twitter.com/QxRiEZLWYK
— Sviatlana Tsikhanouskaya (@Tsihanouskaya) June 6, 2024
Политичка вендета: Злосторничките режими редовно го злоупотребуваат Интерпол
Дури и кога Интерпол ја признава погрешната природа на Црвеното известување со тоа што ќе го повлече налогот за апсење или ќе го блокира пристапот до досието на поединецот, често е предоцна да се поправи штетата, пишува во извештајот на Фридом Хаус.
Злоупотребата на Интерпол за политичка вендета претставува директно кршење на основните човекови права и слободи, на кои, имено, се повикува и основачкиот документ на оваа меѓународна полициска организација. Огромен е бројот на индивидуи кои се нашле и сè уште се наоѓаат во вкрстениот оган меѓу борбата против криминалот и криминалната злоупотреба на меѓународните институции од страна на криминални режими.
Клучно е да се нагласи дека Интерпол не е единствениот пример за искористување, односно претворање на меѓународните механизми во оружје на злогласните центри на моќта. Злосторничкиот режим во Русија флагрантно ги злоупотребува не само Интерпол, туку и агенциите на ОН, ОБСЕ и бројни други меѓународни институции, организации и тела. Озлогласениот модел на однесување што го постави Кремљ го следат низа други авторитарни и криминални режими. Овие режими безмилосно, систематски и континуирано го експлоатираат меѓународното право и институциите, а со тоа ја поткопуваат довербата во глобалните институции, правдата и поредокот – а со тоа влијаат и на поединечни држави, без оглед на нивото на нивната демократска ориентација.
Иако овие операции на злоупотреба претставуваат сериозен предизвик за меѓународната заедница, тие исто така ја сигнализираат итната потреба за сеопфатна и итна акција. Императив е да се започне длабоко преиспитување на меѓународните системи и механизми, придружени со значителни напори, политичка чувствителност и внимание, за да се врати довербата. Ова е од суштинско значење не само за да се спречи политички мотивираното прогонство на поединци и милитантните политики против цели заедници или држави, туку и за повторно да се воспостави довербата во глобалниот поредок.
Реформи и враќање на довербата: Координирани напори за спречување на злоупотребите
Суштинска и итна е потребата да се преземат координирани напори за реформирање и зајакнување на рамките на глобалните институции за да се спречи нивна злоупотреба од авторитарни режими. Ова вклучува заострување на механизмите за надзор и одговорност во организациите како што се Интерпол, Обединетите нации и ОБСЕ. Понатаму, неопходни се мерки за зајакнување на транспарентноста и граѓанската контрола на овие механизми и институции. Одбраната на меѓународното право и човековите права и слободи може да се постигне, меѓу другото, и со заеднички притисок од граѓанското општество и меѓународните организации и мрежи за човекови права кон овие институции, за да се одбранат меѓународните тела, да не ги киднапираат држави и моќници со зли намери, спротивни на принципите на правдата и човековите права.
Во демократските држави, владите и граѓанското општество мора да работат заедно за да ја зајакнат националната отпорност против надворешните притисоци и манипулации. Тие треба да преземат обврска да ги јакнат организациите и поединците во земји под авторитарна власт, да спроведуваат истражувања и мониторинг на злоупотребите на меѓународните инструменти во нивните земји, а потоа да се врши и меѓународен притисок за напуштање на злонамерните практики.
Ова вклучува градење посилни правни рамки, поттикнување поголема свест кај населението за заканите од таквите злоупотреби и ангажирање во меѓународната дипломатија за поддршка на глобалните реформски напори. Националните стратегии треба да се усогласат со меѓународните иницијативи за да се создаде цврста одбрана од ерозијата на правдата и владеењето на правото, со што ќе се обезбеди ниту една држава да не стане жртва или овозможувач на такви авторитарни тактики.
Патот до враќање на меѓународната правда и ред е несомнено тежок и комплициран, но е неопходен и неизбежен – суштински значаен – за идната стабилност и кредибилитет на глобалниот поредок на владеење на меѓународното право. Со справување со овие предизвици и на меѓународно и на национално ниво, можеме да ги започнеме неопходните процеси на заздравување и заштита на светските институции, со тоа што ќе се врати довербата дека тие ќе останат инструменти за правда наместо инструменти на угнетување.