Во текот на денешниот ден, до 19 часот, имало вкупно 18 пожари на отворен простор, од кои активни се девет, информираат вечерва од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од активните, првиот е на територија на општина Прилеп. Најактивен е кај селата Штавица, Крушевица, Пештани и Прилепец, каде горат нискостеблеста вегетација, сува трева и борова шума.
Прилепските локални власти, заедно со кризниот штаб, попладнето упатија апел до оние кои имаат имоти во мариовското село Крушевица за да се упатат таму, поради големата опасност од пожарот.
– Сите кои што имаат имот во селото Крушевица, ве замолуваме итно да се упатите кон своите имоти опремени со соодветна облека и алат за гаснење (лопати, гребла)! Пожарот за жал се доближува до селото, апелираме сите кои што се во можност да излезат и да помогнат, стои во апелот од општина Прилеп.
Инаку големиот пожар во Мариово не стивнува и се проширува и во пониски делови. Преку 150 професионалци се на теренот и главен приоритет им е да ги спасат населените места од опасноста на огнената стихија која опфатила преку 10 000 хектари, главно ниска вегерација, а огнената линија е на преку 30 километри. За опасноста од пожарот да влезе во селото крушевица денеска алармираше и прилепскиот кризен штаб.
Во општина Чашка, активен е пожарот на подрачјето на село Ораов Дол, каде гори мешана шума.
Мешана шума гори и на територија на општина Чучер Сандево, на подрачјето на село Танушевци, место викано „Рамно“.
Нискостеблеста шума гори во општина Петровец, кај селата Брезница, Градманци и Катланово.
Мешана шума и сува трева горат во општините Долнени и Сарај, во регионите на селата Десово и Буковиќ.
Ниска шума и сува трева горат во тетовското село Новаќе. Сува трева гори во кумановско Романовце.
Последниот активен пожар е во штипското подрачје, кај селата Хаџи Хамзали, Едеклерци, Топлик, како и кај полигонот „Криволак“. Горат нискостеблеста шума, смреки и сува трева.