На 15.09.2024 година во организација на Storytelling Skopje, а во партнерство со ХАЕМУС и Музеј на Македонија, ќе се реализира настанот „Патување низ времето со кралицата Марија – Игрифицирано искуство низ средниот век“.
Се работи за вистинска авантура која буквално пред очите на посетителите го оживува наследството од средновековниот период на Скопје и ги враќа учесниите директно во 14-от век, воведувајќи ги во животот и времето на кралицата Марија Палеологова и нејзиното пристигнување на кралскиот двор во Скопје.
Како што нагласуваат организаторите – ова игрифицирано искуство е исполнето со мистерија, загатки и разни потраги кои се случуваат на Скопското Кале, правејќи ја историјата жива на забавен и интерактивен начин за сите возрасти. За комплетно уживање, на крајот од авантурата ќе следи бесплатно VR искуство. Ова искуство ќе им овозможи на посетителите со помош на VR наочари низ видео игра да се движат низ виртуелно реконструираната средновековна палата на Скопско Кале и да решаваат загатки, за да може да го пронајдат тајниот предмет којшто ѝ припаѓал на средновековната владетелка Марија Палеологова.
Настанот се организира во рамките на манифестацијата ,,Европски денови на наследството” како дисеминација од европскиот проект ‘SheLeadersVR’ поддржан од програмата Creative Europe, во којшто ХАЕМУС е еден од партнерите, а м-р Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС е главен консултант на проектот.