Северна Кореја го распореди првиот контингент од 1.500 војници од своите специјални единици во Владивосток, на рускиот Далечен Исток, и наскоро ќе испрати уште повеќе, соопшти денеска јужнокорејското разузнавање, цитирано од светските агенции.
Јужнокорејската разузнавачка служба „установи дека од 8 до 13 октомври Северна Кореја транспортирала војници од нејзините специјални единици во Русија со транспортен брод на руската морнарица, што го потврдува почетокот на борбеното учество на Северна Кореја“, се вели во соопштението на разузнавањето, во кое се објавени и детални сателитски снимки.
Јужнокорејската служба соопшти дека севернокорејските војници стационирани во Русија добиле руски воени униформи, оружје и лажни документи за лична идентификација, додавајќи дека биле стационирани во руските воени бази во Владивосток, Усуријск, Хабаровск и Благовешченск, каде биле на обука за да се подготват за распоредување во зоните на борбените дејствија, наведуваат агенциите.