Според најновото истражување на Фондација Метаморфозис, во коe беше спроведен мониторинг на покривањето на парламентарните избори во 2024 на информативните интернет портали во Северна Македонија, забележано е ниско присуство на жените и родовите прашања во медиумското известување и во платеното политичко рекламирање, нешто што може да се промени со одредени законски регулативи, пишува Мета.мк.
Накратко, ова беа заклучоците на панелот воден од Билјана Бејкова, експертка за медиуми и род и Татјана Богусевич, меѓународна експертка за демократски избори и род. Тие ги презентираа наодите на заедничкото истражување на горенаведените теми, во рамки на конференцијата „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“, организирана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) во соработка со Фондација Метаморфозис, а поддржана од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој (FCDO) на Владата на Обединетото Кралство.
Истражувањето се состоело од мониторинг на 32 онлајн портали, 11 политички партии и преку 2.600 платени банери, во периодот од 15 април до 10 мај 2024 година.
Во истражувањето првично се истражувало колку пати воопшто се спомнати машките наспроти женските носители на листи во онлајн порталите. Во случајот на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата е споменат 2212 пати, а лидерот на СДСМ е споменат 874 пати. Единствената жена носителка на листа на ВМРО-ДПМНЕ, пак, е спомената само 111 пати. Во однос на женските носители на листи од СДСМ, Сања Лукаревска е спомената 155 пати, додека Славјанка Петровска е спомената само 97 пати. За споредба, другите машки носители на листи од двете партии се споменати околу 200-300 пати.
Бејкова посочи дека постојат меѓународни обврски за родова еднаквост, како Европската конвенција за човекови права и основни слободи или Истанбулската конвенција, национални инструменти, како Законот за спречување и заштита од дискриминација, но и обврски на медиумите посочени во Законот за медиуми и Законот за аудио и аудио-визуелни услуги.
„Кај нас велиме дека хартијата трпи сѐ – и најдобра регулатива и најдобра само-регулација. Но, тие работи често не се применуваат во пракса“, вели Бејкова.
Покрај недоволното известување за жени, Бејкова истакна дека онлајн порталите често преземаат дискриминаторски изјави без притоа да ги осудат или да им дадат некаков контекст.
Таа исто така напомена дека во одредени спотови на Државната изборна комисија се забележува несоодветно прикажување на родовите односи. Имено, во видеа чија цел е да се охрабрат граѓаните да се информираат за своите гласачки права, жените се прикажани во фризерски салон, додека мажите се прикажани како одат на пазар. Во друг спот, машки лик е прикажан како ја потсетува својата жена да си ги земе своите лични документи пред да оди да гласа.
„Ваквото претставување е пласирање на стереотипот на жените како пасивни субјекти, додека мажите се претставуваат како оние кои се активни и одговорни за домашните задачи“, вели Бејкова.
Во вториот дел од панелот, меѓународната експертка Богусевич зборуваше за тоа колку жените биле претставени во рекламниот материјал на политичките партии за време на предизборната кампања.
Само 21 отсто од банерите прикажувале жени, а само четири од 11 партии воопшто имале жени на своите банери. Од вкупно 44 кандидати од 11-те партии кои биле прикажани на банери, само девет биле жени. Богусевич посочи дека најмногу жени биле прикажани во рекламите на двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што најверојатно се должи поголемиот број на реклами од тие партии во споредба со помалите партии, што довело до тоа општо поголем број на кандидати да се прикажат во рекламниот материјал, што пак дало повеќе простор и за жени кандидатки.
Богусевич рече дека во центарот на „триаголникот“ на онлајн портали, државни институции и политички партии се јавните средства. А јавните средства за платеното политичко рекламирање може да се регулираат и да рефлектираат одредени значајни јавни цели, како што е промовирањето на родовата еднаквост. Богусевич посочи дека во Европа и пошироко постојат секакви регулативи на оваа тема, како што е субвенционирано време и простор за емитување на реклами со жени кандидатки.
Конечно, Богусевич препорача политичките партии да одделат дел од своите средства за промоција на женски кандидати, онлајн порталите да се придржат до Кодексот за однесување за онлајн медиумите и државните институции да го охрабрат интегрирањето на родовата перспектива при набавката, подготовката и пласирањето на платените реклами.