На првата седница наменета за пратенички прашања во новиот парламентарен состав, прв прашања кон премиерот Христијан Мицкоски постави лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Tој се осврна на однесувањето на Мицкоски како премиер, наспроти неговите ставови кога беше опозиционер. Пратеникот и лидер на СДСМ го повика премиерот Мицкоски да го врати мандатот затоа што иако ветувал, сепак го користи уставното име на државата.
„Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете Северна. Па ајде премиере, еве сега е шанса во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име, а некои богами и гордост го изговараат. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков ’рбет, но тоа го знаевме. Она што е важно да го знаат граѓаните, е дека вие господине Мицкоски го признавте успехот на целата политика на СДСМ во однос на стратешките прашања и решавањето на споровите. Секако, ниту имате доблест, ниту честитост, тоа да го признаете“, посочи Филипче.
Премиерот Мицкоски на лидерот на СДСМ, Филипче на нивното прво собраниско соочување на седница за пратенички прашања, му одговори да не се удави во длабокото.
„Ако сакате да одиме на избори, да се провериме. Заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но да не се удавите во длабокото, каде што ве носат…“, рече Мицкоски.
Господине Филипче, дали сте сигурни дека не се плашите, го праша Мицкоски опозицискиот лидер Филипче.
„Почитуван, Венко Филипче, сигурен сте дека се лаги и клевети ова што го зборував? Ај, преиспитајте се уште еднаш. Дали сте сигурен? И сигурен сте дека не се плашите? Добро, добро. Во ред. Во ред. Човечки е, јас да сум го правел тоа што сте го правеле дека ќе бидам загрижен. Но, во ред, вие сте изгледа храбар човек, јас не сум толку храбар човек, по затоа можеби не се плашите“, рече Мицкоски.
Репликата следеше откако Филипче рече дека не се плаши од можни кривични постапки кои би се воделе против него и функционерите од претходната Влада.
Преземено: Цивил Медиа