Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск денеска преку заедничка изјава ја изразија својата загриженост за политичката ситуација во Грузија.
Макрон, Шолц и Туск, како членки на Вајмарскиот триаголник, трилатерална форма на соработка меѓу Франција, Германија и Полска, најавија дека не можат да го поддржат отворањето на преговорите на Грузија за пристапување во Европската унија доколку земјата не спроведе реформи, јавија британските медиуми.
„Доколку Грузија не го смени сегашниот курс на дејствување и не покаже опипливи реформски напори, особено со укинување на неодамнешните закони кои се спротивни на европските вредности и принципи, нема да бидеме во позиција да го поддржиме отворањето на пристапните преговори со Грузија“, се наведува во соопштението.
Денеска во Будимпешта започнува петтиот самит на европската политичка заедница, на кој ќе учествуваат 47 лидери на Европската унија, Велика Британија, Турција, Украина и Западен Балкан, на разговори за поддршката за Украина, миграцијата, економската безбедност и глобалната трговија, пренесоа британските медиуми.
Претходно неделава неколку илјади грузиски демонстранти излегоа на улиците за да протестираат против, како што наведуваат, измамата на минатомесечните парламентарни избори, на кои победи владејачката партија Грузиски сон.