На 30 октомври, Европската комисија ги усвои извештаите за проширување за 2024 година со детална процена за напредокот од страна на земјите се стремат да се приклучат на Европската Унија. Извештаите го опфаќаат напредокот на Грузија, Молдавија, Украина, Турција и земјите на Западниот Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија) на патот кон ЕУ.
Оценките се придружени со препораки и упатства за реформите кои секој кандидат треба да ги даде приоритет за да напредува во пристапните преговори.
На крајот на октомври, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината четиридневна посета на земјите од Западен Балкан ги посети шесте земји кои сакаат да се приклучат на ЕУ – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Фон дер Лајен вети дека ЕУ проширувањето ќе биде високо на агендата во Брисел. – Бидете сигурни дека проширувањето ќе остане главен приоритет во мојот следен мандат, изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана.
Дискусиите околу проширувањето на ЕУ во регионот со околу 16,6 милиони жители траат речиси 20 години, додека во тој период Брисел играше топло-ладно.
Иако во моментов не е можно да се процени дали за новиот претседател на Европскиот совет Антонио Коста ќе биде приоритет проширувањето со Западниот Балкан, иако неговата последна посета како премиер на Португалија беше на регионот.
Коста исто рече дека ЕУ треба да „почне да се подготвува“ за процесот на проширување, така што ќе обезбеди „услови да ги прими оние кои ги кани“.
Портфолиото за проширување на следната Европска комисија (2024-2029) и припадна на словенечката кандидатка Марта Кос. Според нејзините одговори на прашањата од европратениците пред сослушувањето оваа недела, таа рече дека надминувањето на блокадите во проширувањето ќе биде една од нејзините главните задачи за време на петгодишниот мандат, доколку биде избрана.
Кос, исто така, истакна дека билатерални прашања кои предизвикуваат застој треба веднаш да се решат. Меѓу нејзините краткорочни цели ќе биде напредокот на кандидатите на патот кон ЕУ, што поконкретно значи дека ЕУ ќе ги затвори преговорите за пристапување со Црна Гора, ќе ги отвори останатите поглавја со Албанија и ќе го отвори првиот пакет поглавја со Северна Македонија, Украина и Молдавија.
Со оглед на тоа што особено внимание го посветува на поглавјата за владеењето на правото, Кос нагласи дека проширувањето мора да остане процес заснован на индивидуалните достигнувања на земјите кандидатки, со цел да биде веродостојно и одржливо.
Статус кво во проширувањето на ЕУ
ГРУЗИЈА | Статус на членство: земја кандидат
Грузија доби очекувано лоша оценка. Според извештајот, загрижувачките случувања од март 2024 година не ја одразуваат посветеност на Владата на патот кон ЕУ. Меѓу другото, се критикуваат недостатоците на неодамнешните парламентарни избори, како што се непостојаноста во процедурите и заплашување и притисокот врз гласачите
Поранешната советска република на јужната граница на Русија е кандидат за членство во ЕУ од декември 2023 година. Организаторите на изборите ја прогласија владејачката партија проруска партија Грузиски сон за победник. Проевропската опозиција и претседателката сметаат дека резултатите се фалсификувани.
– Ако има политичка волја од лидерите на Грузија, нудиме јасен пат за повторно ангажирање на патот кон Европската Унија – и укинување на т.н. закон за „странско влијание“, изјави шефот за дипломатијата на Европската Унија Жосеп Борел.
Извештајот за проширување исто предупреди: „Ако Грузија не го промени сегашниот курс на дејствување кој го загрозува нејзиниот пат кон ЕУ (…) Комисијата нема да биде во позиција да предложи започнување на преговори со Грузија“.
Грузија доби статус на кандидат во декември 2023 година. Но, Брисел го одложи стартот на пристапните преговори поради неколку репресивни закони кои владејачката партија ги усвои оваа година.
МОЛДАВИЈА | Статус на членство: земја кандидат
Во случајот на Молдавија, Европската комисија нагласи дека усвојувањето на ЕУ законодавството напредува „без проблеми” и дека бидејќи земјата ги исполнува сите услови, Европската комисија сака да ги отпочне преговорите за поглавјата, почнувајќи со основните аспекти „што е можно поскоро во 2025“.
На 20 октомври, Молдавија со тесно мнозинство обезбеди проевропски курс во Уставот со референдум проследен со обвиненија дека Русија пробала да го манипулира гласањето. Од гласачите, 50,46 проценти гласаа за уставните промени.
Исто така, про-ЕУ ориентираната претседателка Маја Санду, доби втор мандат. Молдавците испраќаат порака: тие сакаат иднината на земјата да биде во ЕУ.
Молдавија стана кандидат во јуни 2022 година. Пристапните преговори ги отвори во јуни 2024 година.
УКРАИНА | Статус на членство: земја кандидат
Според Европската комисија, преговорите за пристапување кон ЕУ на Украина треба да се дефинираат наредната година – слично како случајот со Молдавија. Покрај руската воена агресија, земјата не се откажува својата цврста посветеност кон реформи во многу сфери, според извештајот.
Доколку Украина ги исполни сите услови, се верува дека преговорите за кластерот „Основни вредности“ може да започнат „што поскоро во 2025 година“. Тука се вклучени темите за основните права, правдата, слободите, безбедноста, како и финансиската контрола.
Украина доби статус на кандидат во јуни 2022 година. Пристапните преговори ги отвори во јуни 2024.
ТУРЦИЈА | Статус на членство: земја кандидат
Извештајот бележи „постепено рестартирање“ на односите помеѓу ЕУ и Турција и „конкретни чекори“ кон конструктивна размена на прашања од заеднички интерес. Сепак, Комисијата додава дека Турција, чии преговори за пристапување беа ставени во мирување во 2018 година, не ја променила негативната тенденција на континуирано влошување на демократските стандарди забележана во последните години.
Турција доби статус на кандидат во декември 1999 година. Пристапните преговори ги отвори во октомври 2005 година.
Земјите на Западен Балкан:
АЛБАНИЈА | Статус на членство: земја кандидат
Европската комисија смета дека „од суштинско значење“ е да се интензивира темпото на реформите насочени кон ЕУ. Албанија го отвори првото поглавје во пристапните преговори со Европската Унија на 15 октомври.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека овој момент е историски. – Отворањето на поглавјата е големо достигнување и означува историска пресвртница … Секој успех што Албанија го има во процесот на ЕУ треба да се гледа како чекор за целиот регион. Нема друга иднина за Албанија, рече Рама.
Првото поглавје вклучува неколку суштински сфери како што се правдата, правосудството, функционирањето на демократски институции, јавни набавки и реформите во јавната администрација. Напредокот во оваа група ќе ја одреди целокупната брзина на преговорите. Албанија чекаше неколку години да отпочне пристапните преговори.
Албанија доби статус на кандидат во јуни 2014 година. Пристапните преговори ги отвори во јули 2022 година. Според најновиот извештај, Европската комисија постави цел да се заокружат пристапните преговори до крајот на 2027 година.
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА (БиХ) | Статус на членство: земја кандидат
Според последниот извештај за проширувањето, од март оваа година процесот на реформи во Босна и Херцеговина е во стагнација, иако властите претходно „презедоа конкретни реформи“. Позитивните резултати беа „спречен“ од „случувањата во Република Српска“ (босански ентитет со српско мнозинство), како и „постојаната сецесионистичка реторика“.
Властите покажале подготвеност да постигнат договор и да го забрзаат процесот на реформи до крајот на годината.
Босна и Херцеговина доби статус на кандидат во декември 2023, а пристапните преговори ги отвори во март 2024 година.
КОСОВО | Статус на членство: земја кандидат
Што се однесува до Косово, Европската комисија во извештајот тврди дека е подготвена да оформи мислење за барањето за влез веднаш штом Европскиот совет ќе го побара тоа.
Земјите членки на ЕУ кои не го признаваат Косово се Шпанија, Словачка, Кипар, Романија и Грција.
Косово аплицираше за членство во ЕУ во декември 2022 година.
Црна Гора | Статус на членство: земја кандидат
Европската комисија потсети дека во јуни оваа година беше потврдено дека земјата ги исполнила критериумите за поглавјата поврзани со владеење на правото, што дава можност привремено да се затворат други делови „доколку се исполнети условите“. Сепак, извештајот потенцира дека повеќе напредок е потребен поголем напредок во владеењето на правото и судството.
Црна Гора доби статус на кандидат во декември 2010 година и ги отвори пристапните преговори во јуни 2012 година. Комисијата во извештајот постави цел за затворање на пристапните преговори до крајот на 2026 година.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА | Статус на членство: земја кандидат
Северна Македонија постојано ја изјавува својата политичка посветеност кон стратешката цел за интеграција во ЕУ и својата амбиција да напредува во преговорите за пристапување, стои во Извештајот, кој додава дека треба да се спроведат суштински реформи поврзани со ЕУ. Северна Македонија одржува добри односи со другите земји-членки опфатени со процесот на проширувањето и продолжи со своето учество во регионалните иницијативи.
Според Преговарачката рамката усвоена во јули 2022 година, Северна Македонија мора да спроведе уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот, заедно со Хрватите, Црногорците, Евреите и другите малцинства како „дел од етничките групи кои живеат во земјата“.
Во заклучоците на Европскиот совет во декември 2023 стои дека – Европската Унија е спремна да ја заврши почетната фаза на преговорите за пристапување со Северна Македонија веднаш штом ќе ја исполни својата обврска да ги заврши уставните промени како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие промени.
Северна Македонија доби статус на кандидат во декември 2005 година. Пристапните преговори ги отвори во јули 2022 година.
СРБИЈА | Статус на членство: земја кандидат
Србија ги исполни критериумите за отворање преговори за деловите поврзани со конкурентност и инклузивен раст. Европската комисија увери дека во наредната година се очекува земјата да ги забрза работите за спроведување на реформите поврзани со влез во ЕУ.
– Независноста и непристрасноста на судството треба понатаму да се подобрат во судовите на повисоко ниво и во судовите на прва инстанција, стои во извештајот.
– Ние сме на патот кон ЕУ и ЕУ е нашиот најголем партнер за надворешна трговија, ние си поставивме цел да ги исполниме сите обврски преку Планот за раст и реформската агендата до 2027 година, без оглед на тоа дали ќе бидеме членка (до тоа време) или не, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со годишниот извештај за проширување.
Србија стана земја кандидат во декември 2010 година, додека пристапните преговори ги отвори во јуни 2012 година.
ИЗвор: ЕНР/МИА