Промоција на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, размена на експертиза и информации меѓу јавните компании, развој на инфраструктурни проекти од заеднички интерес и истражување на можностите за размена на електрична енергија и ресурси, предвидува Меморандумот за соработка што го потпишаа денеска во Приштина владите на Северна Македонија и Косово.
Како што беше речено на потпишувањето, Меморандумот ја нагласува важноста на енергетската транзиција и неопходноста од заеднички напори за одговор на глобалните енергетски предизвици, особено во контекст на климатските промени и енергетската криза. Со него се поставуваат и темелите за интензивирање на билатералната соработка во енергетскиот сектор.
-Со овој Меморандум ги зајакнуваме не само нашите енергетски системи, туку и нашата визија за стабилен, одржлив и поврзан регион. Уверени сме дека оваа соработка ќе донесе значителни придобивки за двете земји и ќе послужи како пример за партнерство во Југоисточна Европа, рече министерката за енергетика Сања Божиновска.
Меморандумот е документ ратификуван меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Македонија и Министерството за економија на Република Косово, а го истакнува заедничкиот интерес на двете земји за развој на стратешко партнерство во енергетиката преку усогласени политики и активности кои ќе придонесат за економски раст, енергетска сигурност и рационално користење на природните ресурси.
На потпишувањето кое беше во рамки на заедничка меѓувладина седница во Приштина, присуствуваа и премиерите на двете земји, Христијан Мицкоски и Албин Курти.