Денеска се навршуваат 1000 денови од 24 февруари 2022 година, кога Русија ја започна својата целосна воена инвазија врз Украина. Изминаа 1000 денови обележани со невидена бруталност: систематско кршење на меѓународното право, илјадници воени злосторства со тортура и егзекуција на цивили, вклучително жени и деца, киднапирање и депортација на 20.000 деца, намерно и систематско уништување на домови, училишта, болници и културни споменици. Рускиот агресор предизвика еколошки катастрофи, нуклеарни закани, и уништување на цивилната инфраструктура со цел да ја скрши волјата на украинскиот народ за слобода.
Но покрај сите овие ужаси, светот е сведок на 1000 денови невиден хероизам на украинската нација. Секој ден е впишан во светската историја како ден на истрајност, пожртвуваност и непоколеблив дух во борбата за слобода.
Светот памети и тоа дека војната за Украина не почна во 2022 година, туку во 2014 година, кога руските паравоени формации спроведоа нелегална окупација на Крим и делови од Донбас – криза што светот се обиде да ја „заборави“, до моментот на целосната воена агресија.
ЦИВИЛ уште еднаш најостро го осудува руското грозоморно злосторство на агресија, систематските воени злосторства против цивилите и воените заробеници, и нападите врз животната средина и цивилната инфраструктура.
Патот до мирот
Единствениот прифатлив пат до праведен и траен мир е преку примена на Формулата за Мир на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ова подразбира целосно повлекување на руските сили до меѓународно признатите граници на Украина, враќање на киднапираните деца и целосно почитување на сите точки од формулата. Ништо помалку од тоа не е прифатливо.
Светот мора да разбере дека Украина не се бори само за својот опстанок и слобода, туку и за слободата на Европа и целиот демократски свет.
ЦИВИЛ цврсто стои со Украина.
Слава Україні!