Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Веќе се одржаа две рочишта за убиството и киднапирањето на малата Вања Ѓорчевска, случај што одново ја потресува јавноста, а во кој главен осомничен е Љупчо Палевски и неговата дружина, како и таткото на жртвата, Александар. Факт е дека во тој суд ќе се води процес и за убиството на женскиот фризер од Велес во пензија, Панче Жежовски, но засега нема отворање на тој сегмент од активноста на обвинетата група, онаа која седи во судницата на Кривичниот суд во Скопје. Што донесоа овие најнови соочувања со правдата?
Судска сала со кумови, зетовци и бизнис партнери
Гледано од поширок ракурс за јавноста треба да биде интересно дека контроверзниот и првообвинетиот во постапката Палевски низ сведочењата е откриен и како зет кој влегол во кругот на некогаш најимотните семејства во градот. Ова е секако новост за сите што го следат случајот. На зетот бизнисите му оделе и паѓале и покрај идеолошката трансформација, па тој завршува во најдесното крило на десната партија, што секогаш значи екстрем и извршување на повалканите обврски на тогашната опозиција.
Јасно е дека на Палевски долго време не му оделе работите или како што кажува една од сведоците „знаете како е во бизнисот – некогаш имаше пари ама…“. Но брзите промени во позициите во власта доведоа до ерозија на финансиската моќ на таа царинско-транспортно-банкарска олигархија и покрај енергичните обиди на семејствата да се прилагодат или да ги припитомат напаѓачите. Така, еден силеџиски напад врз првиот човек на царината, дедото на Вања, Ванчо Лазаров, крена голема прашина во медиумите, но најголем дел написи или објави од тој настан потоа се уредно бришани од нечија рака. Имаше многу претпоставки кој го сторил тоа (настанот е од пред точно 22 години), јасно е само дека тоа е сторено додека го шетал миленикот во блискиот парк, што доведе до негово тргање од неволјите и работната позиција по сопствена одлука. Бабата на девојчето заболува и брзо се пензионира од добрата позиција во една фармацевтска фирма, а потоа не ѝ оди најдобро и на фирмата во која работи мајката на убиеното девојче.
Нешто како продавање на семејниот накит
Преку оваа појава доаѓаме до она што некогаш се опишувало како продавање на семејниот накит, во случајот – продавање на становите кои требало белки да обезбедат спокојна иднина. Пред киднапирањето на Вања Ѓорчевска нејзината мајка продала стан во Аеродром за да си купи автомобил и да стави пари на сметка како спас од неизвесната иднина. На таа трансакција се надевал и некој друг или во неа гледал шанса за себе?
Ниту на зетот во тоа опкружување, на Палчо, не му одело добро – влегувал од една во друга афера, додека сакал да плива во бизнисот во сферата на станоградбата. Таа област не ја бива ако немате помош кај оние кои го контролираат просторот каде треба да се гради. И нему му следел ист модел како кај директорот на царина, од секако друг повод – додека го шетал кучето…
Има и друга коинциденција: и Палевски се разделил од сопругата како што се развеле и родителите на Вања.
Другите коинциденции ќе следат во текот на судскиот процес, секако. Да минеме на него.
Најнапред, преку сведочењата на поранешната заменик-директорка на моќниот „Фершпед“ односно потоа основачка на една брокерска фирма, Кираца Трајковска, која моментално живее во Белград, се заокружува сликата за социјалното милје во кое се случува настанот кој ја шокираше јавноста кон крајот на ноември минатата година. А посебно кога се открија главните детали од истрагата во почетокот на декември таа зима. Не треба ново потсетување – деталите за злосторот отворени на прес на обвинителот, во неделата, 3 декември, околу 20 часот, ја фрлија земјата во констернација. Таа ноќ по веста дека е убиена Вања по која се трагаше речиси една недела, и тоа само два часа по нејзиното киднапирање, никој во земјава не спиеше, а утрото многу деца одбиваа да одат на училиште.
Одеднаш тој пат до училиштето од нивна страна се доловуваше како одење низ темна шума каде демнат убијци на деца без повод! Повозрасните секако си поставуваа прашање – со какви тоа нелуѓе живееме, а странските медиуми уште утредента го поставија прашањето произлезено од пресот – каков е тој татко кој ја „типувал“ својата ќерка (ова е белградски израз).
Подготвување на злосторот од една канцеларија
Да не го опишуваме судењето, како хронологија, што може, а и не мора да значи дека носи неприкосновени заклучоци, само за почеток да кажеме дека со текот на времето од тие преноси се измолкнуваа – секако намерно – некои сегменти. На пример, користењето на апарати за радиоврски кои ги имало на масата во канцеларијата на првообвинетиот Палевски, што укажува на постоење на еден затворен круг на луѓе кои ја криеле својата дејност од можното прислушкување. Или фактот дека таткото на убиената Вања бил еден од основачите на партијата Десна, што може да биде прилично тежок фаул врз одбраната на Александар Ѓорчевски. Неговиот адвокат по оваа, засега индиција, имаше проблем да ја објаснува веста пред собраните новинари!
Да одиме по личности, да ја видиме нивната позиција после последните судења.
Нема сомнение дека засега најкуса е одбраната, ако воопшто ја има или би се појавила. Посебно во однос на сликата за споменатата партија која видливо е гнездо на монструми, а сенката на тоа сознание се фрла и врз оние поединци кои во помала или поголема мерка – кои не се обвинети – си најдоа добри места во администрацијата на новата власт, која со ова индиректно признава дека им го респектира „минатиот стаж“. Да не ги споменуваме во овој повод – корисниците на таа услуга, новата власт се спаси при изборите од ефектите на судењето преку одолговлекувањето на турските власти на предавање на обвинетиот од притворот во нивната земја.
Погоре споменатите уреди, да се вратиме на нив, како средства што не можат да се следат при сообраќајот а што се наменети за „коресподенција“ на лица од тесен круг, инаку се со ограничен дострел (300 до 500 метри) е само израз на потребата од такви „шушу-бушу“ актери за сикретни активности. Тие ги користеле и оние работи со кои располагала партијата (пик-апот подарен од луѓе од Исланд!), возилото одземено од претходно убиен член на тоа друштво, Жежовски, секако и пари кои би биле трошок.
Шоферот на пик-апот, сопартиец на Палчо, Ѓорѓи Џолев, воедно и претседател на ЦО на партијата, призна дека со телефон го известувал шефот за истрагата. Впрочем, водачот на бандата (или партијата, сеедно) Палески би побегнал и порано, настојувал да го преземе возилото „Рено Кангу“, ама ниту еден нотар не сакал да се нафати на тој чин без соодветна процедура. Јасно било дека тој и нема пари, а патувањето за Белград имало за цел да обезбеди конекција, секако и доволно материјално покритие за патување што уследило – кон Турција, каде беше уапсен по потерница од земјава.
Апарати користени во судирот од 2001 година
Мојот интерес за тие споменати комуникациски уреди покажа дека тие не се средства кои едноставно можат да се купат во продавница во земјава. Ги има купено воената безбедност во 2000 година, каде беше стациониран во тоа време Сашо Мијалков. Значи се знаело или се предвидувало дека тие направи ќе станат потребни кога во 2001 година припадниците на ОНА, од другата страна на огнената линија, масовно ги користеле тие уреди за да не бидат прислушкувани. Значи и двете страни ги сметале за неопходни, само што македонската полиција, по завршување на она што се нарекува конфликт, си ги прибрала назад. Сите? Или некому му станале достапни?
Покрај овие средства тука е и револверот на Палевски – тој претходно имал еден кој му бил даден само за чување дома, а не и за носење „на воздух“ и му бил наводно одземен при една негова активност – кога ги принудувал членовите на партијата Десна за ископ на злато во реонот на Демир Капија, близу автопатот.
Дали револверот му бил одземен или вратен или си набавил нов на црниот пазар? Ова е средство кое може да е користено, заедно со оние апарати за радио врски, како дел од арсеналот наменет за илегални активности, без сомнение, ама и за одржување на внатрешната „кохерентност“ во групата – партијата каде не недостасувал стравот, кажуваат сведочењата.
Петтообвинетиот бил нарко зависник
Потоа доаѓаме до личноста на петтообвинетиот Александар Ѓорчевски. Нема сомнение, детали за кои јавноста веќе го имаше како сознание го потврдија и неговите најблиски: дека бил лекуван од зависност од дрога. Наводно бил излекуван уште пред бракот, што секако останува како една многу слаба карика во одбраната на истиот, бидејќи, јавноста е свесна дека се работи за состојба која најчесто е повторлива и видлива во социјалниот статус на поединецот.
Едноставно, тој ќе мора како зависник да осиромашува, потоа да стане зависен од оние околу него и сѐ така по ред. Ако е некој зависен од пензијата на мајка си на негови години, беше посведочено, а претходно работел во фирми со завидна репутација на пазарот на трудот, со кои имал и блиски семејни врски, тогаш зошто бил толку време без работа?
Работел на добри места, но потоа долго време е практично невработен. Не знаеме колку години, а згора има зад себе и развод на бракот. Нормално е одбраната од сведоците кои се неговото потесно семејство да сака да прикаже дека таткото на убиената Вања немал материјални проблеми (!) ама ја имаме како можна сликата на ролинг костерот во која влегуваат сите околу него, а становите што останале во наследство кај неговата сопруга, стекнати од нејзиниот татко Лазаров, стануваат неопходни за неговото опстојување!
Не говориме сега за позајмица од 30.000 денари, за што кажува еден негов роднина во судењето (кои наводно потоа ги враќал), туку за пари кои се сигурно доста импозантни. Во изјавите на неговата екс-сопруга стои дека таа нешто му препишувала на Александар Ѓорчевски од становите, но се чини дека тоа не можело да биде доволно.
Или барем тоа наследство станувало привлечно за друг настрадан на боб патеката на транзицијата (да ја промениме терминологијата) – првообвинетиот Палевски, кому копањето на злато очевидно не му помогнало.
Одбрана на Александар ќе инсистира дека тој не се познавал со првообвинетиот Палевски, но јасно, дилемата дали Александар Ѓорчевски бил еден од основачите на Десна, што загадочно го навести како прашање првообвинетиот Палевски до една од сведоците (Кираца Трајковска) е индикативен. По ова негово прашање, тој од сведокот го доби веројатно очекуваниот одговор: Трајковска изјави на судот дека таа не верува дека Палчо бил убиец и имал финансиски проблеми.
Ова ги „заслужи“ насловите во извештаите од судницата по медиумите и иако е само дадена како личен впечаток, делуваше како одговор што Палевски го посакувал. Впрочем, Трајковска призна дека првообвинетиот ѝ е зет за братучетка (!), што секако ја намалува вредноста на сведочењето, бидејќи, укажува дека постојат макар и емотивни причини да биде субјективна.
Но, таа немала само такви релации со лидерот на Десна, туку веројатно е сведок на неговата транзиција од претседател на Градскиот комитет на СДСМ за Скопје кон другата страна на политичкиот пејсаж, но и како деловен партнер, како што признава. Компликувано, нели? Вели дека некогаш (Палчо) имал пари, а потоа, како што често бива – нема. Секако, ако навикнал да бара деловна помош или поддршка од Трајковска како менаџер (а таа не е банкарка) дали и заминал во Белград со список на лица на кои би им чукнал на врата?
Впрочем, јасно е дека не заминал во Србија да се лекува – како што му рекол на превозникот до таму, пријател и сопартиец (!) туку тоа патување станало дел од егзилот и тој беше приведен во полиција на распит. Да повториме дека Трајковска инаку моментно живее во главниот град на Србија кај својата ќерка.
Јавноста дозна за имагинативниот Гоце Трајковски, но не го виде
Најенигматично во целиот тој контекст е отсуството на позицијата на сведок на синот на Кираца Трајковска – Гоце, кој се покажува како оној кој се вклучува во потрагата по Вања Ѓорчевска без да има претходно некои посилни конекции со нејзините родители, како што објави Телма.
Истиот со својата аналитичност и упорност, по мајка му (значи индиректно сознание) бил клучен во наоѓањето на информации што ги открило злосторниците, па ѝ направил лавовска услуга на истрагата. Бил иницијатор во потрагата на автомобилите што ги користеле обвинетите, што довело најпрвин до откривање на телото на убиениот Жежовски, а потоа и до дел од групата преку кои е откриен и трупот на Вања, посредно и времето на убиството и постапките злосторот да се сокрие.
Овој чин на Палевски, според обвинителството – истрел во главата на живата и врзана Вања, кој го пробил и целото торзо по вертикала – само два часа после грабнувањето, неминовно сугерира дека некој го информирал дека постои масовна потрага по нив и дека има шанса да бидат најдени.
Но, заложничката Вања, која требало да биде извор на заработувачка, и по приемот на парите, хипотетички, многу веројатно одново би била убиена како клучен сведок!? Обидот на таткото да ја смирува екс-сопругата со зборовите дека не треба да се секира ако нема пари („Хари ќе ни даде“) е исто така многу значајна.
Впрочем, сведокот Гоце Трајковски добива сѐ позначајно место во судското распитување. Да, тој веројатно има влијание за откривањето на клучни детали од грабнувањето што може да му се припишат, според мајката, на неговата шерлокхолмовска надареност (наш „превод“). Тој може да наоѓал вредни докази прикажувајќи се како полицаец, но некои би рекле, наоѓајќи ги истите пред носот на истрагата, како брз, заинтересиран и ослободен од административни стеги. Без налози.
Но, сепак, индикативно е отсуството од денот кога требаше да сведочи а него се обиде да го замени (или да го насочи впечатокот) неговата мајка при што споменатото мислење ма Кираца Трајковска дека Палчо не е виновен за убиството, макар и како мислење, можеби не е и негов став, ама сега, како син ќе треба евентуално да се – прилагоди!
Овој сведок наводно имал здравствени проблеми пред судењето, но е сепак тоа една ситуација во која отсуството може да влијае на идниот однос кон овој процес и на обвинетите и на истрагата! Итроманецот Палевски така се обиде низ прашања до Трајковска да го претвори нејзиниот син во непријател на петтообвинетиот Александар, инаку нејзино кумче (!) што некако делуваше и како скриена закана.
Тоа не се наивни потези, а можат да укажат и на нестабилност во сведочењето на идните актери на судењето. Сестрата на Александар веќе направи инцидент на судењето кога се расправаше за имотот кој требало да се продава, што доведе до сериозна опомена од судијата, ама ја покажа субјективноста која треба да се очекува од најблиските на овој обвинет, чија цел е да докажат дека нивниот син, брат и кумче немал проблеми во животот последните децении. Ама, се добива сега веќе впечаток и да го стават првообвинетиот под некаков стаклен ѕвонец. Кармакашија…
Распаднатиот брак меѓу мајката и таткото на Вања кажува многу, а секако и тој настан мора да имал свое значење и веројатно бил чкрапало кое водело до следните исходи. За тоа секако треба да се расправа, иако не е пријатно, а не беше допрено во испитувањето пред судот во вистинска мерка во претходните сведочења. Ова секако можеше да ги забрза одговорите за целиот случај битно врзан за празните паричници на обвинетите. Но, исто така, и на сите кои биле соочени со овој транзициски ролинг костер.
За ова секако можат да говорат постојни извори од кои издвојувам некои. Еден од нив е оној објавен во Либертас кој говори за експертката која го дава психолошкиот портрет на Александар Ѓорчевски, објавен на 8 декември лани по кој пак следи доста нервозна реакција токму од Кираца Трајковска во негова одбрана.
Постојат доста извори кои говорат за грчевитата одбрана на Трајковска од атаците врз Фершпед од Мијалков и Камчев, како што пишуваше РСЕ, случај проследуван како афера Империја од страна на СЈО. а кое има некаков резултат во бркањето на Трајковска од нејзиниот стан во Скопје, снимено од Саше Политико, пренесено во Фактор, што деновиве беше „освежен“ во некои медиуми, а кои секако ја релативизираат нејзината верзија на случајот наречен убиството на Вања. Кој ќе биде овој ефект не се знае и натамошното сведочење ќе биде важно. Истрагата беше куса и ефикасна, испораката на првообвинетиот непримерно долга, а судењето веројатно ќе се одолговлекува.