Убедена сум дека на евентуални предвремени избори, СДСМ нема да биде затечена, а Мицкоски ќе ја добие пораката, вели професорката и потпретседателка на СДСМ, Ана Чупеска во интервју за порталот Локално.мк
Таа вели дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче засега покажал капацитет за обединување и постави напредни и нови правци на делување.
„Иако се чини тивок, тој е храбар, одлучен и темелен во процесот. Немам сомнеж дека успешно ќе го предводи новото демократско движење“ додава Чупеска.
Во однос на нападите кон нејзе од страна на владејачката партија, Чупевска одговара дека тоа за неа не е ништо ново.
„Некој што има менталитет на слугување и полтронство, нема капацитет да ги гледа поинаку работите. Напротив, особено тие немаат право да коментираат на ваков начин, затоа што сите се слуги на режимот од кој едвај се спасивме. Не е потребно ни да се споменуваат познатите перјаници на груевизмот. Нападите кон мене и мојата силна анти-авторитарна активност, траат многу долг период, и тие напади секогаш се темелат на измислици и конструкции. Но тоа мене не ме демотивира, напротив ме стимулира во борбата за демократија и слобода да бидам уште поодлучна и попосветена. Според очајните реакции на ДПМНЕ по повод новото СДСМ, чуствувам одредена вознемиреност кај нив“ вели Чупеска во интервју за Локално.