Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека е потребна голема ревизија на Обединетите нации, нагласувајќи дека речиси 200 земји во светот не можат да бидат препуштени во рацете на пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН.
На Светскиот форум на ТРТ во Истанбул Ердоган јасно порача дека на ОН му треба целосно реформирање.
-Светот не може да биде оставен на милост и немилост на пет постојани земји (членки на Советот за безбедност на ОН). Судбината на 194 земји не може да се остави во рацете на една од овие пет постојани членки, рече Ердоган, пренесува Анадолија.
Турскиот претседател го осуди системот на пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН, според кој тие земји можат самостојно да стават вето на важни одлуки.
-Светот е поголем од пет, рече Ердоган, додавајќи дека руско-украинската војна ја покажа слабоста на меѓународниот систем.
Кога станува збор за Газа, Ердоган рече дека таму не се тестирани само хуманитарните вредности, туку и веродостојноста на глобалниот систем, на ОН, но дека ниту едното ниту другото не го поминаа тестот.
-Крајот на оваа човечка трагедија, со која беше отворен патот кон срамот на холокаустот, е ќорсокак, катастрофа, рече Ердоган, мислејќи на тоа како вината на западните земји за холокаустот ги натера да се воздржат од критиката кон Израел, кој повеќе од една година, како што тврди, врши геноцид во Газа.
Истовремено, турскиот претседател изрази надеж дека прекинот на огнот меѓу Израел и Либан ќе остане траен, но исто така нагласи дека итно е потребно воспоставување на прекин на огнот и во Газа.
-Потребно е итно да се воспостави одржлив прекин на огнот во Газа пред човештвото да изгуби уште повеќе од своите вредности. Подготвени сме да сториме се за да го запреме геноцидот во Газа и да ја отвориме вратата за траен мир, рече Ердоган на крајот од својот говор на Светскиот форум на ТРТ во Истанбул.