Веќе некое време се говори дека Samsung работи на „Икс-ер“ (XR) очила, па новите гласини од Јужна Кореја велат дека новитетот ќе биде претставен како прототип на настанот Unpacked во јануари.
Тоа значи, „Самсунг“ уште на почетокот на 2025 година ќе ја одржи свеченоста на којашто ќе ги претстави и новите паметни телефони Galaxy S25, но ќе ги покаже и своите нови очила. Сепак, се работи за прототип којшто засега нема да биде достапен за купувачите, а ниту присутните на настанот нема да можат да ги пробаат. Затоа, се очекува очилата да бидат прикажани во вид на слика или некое видео – слично како и Galaxy Ring претходно.
Паметниот прстен, всушност, беше официјално пуштен во продажба во јули оваа година, па оваа практика продолжува. И конечната верзија на очилата најверојатно ќе се појави во третото тримесечје на следната година, т.е. меѓу јули и септември.
„Икс-ер“ очилата ќе тежат само 50 грама и ќе изгледаат како обичните. Според наводите, ќе имаат функција за дигитално плаќање, ВИ-технологија, како и технологија за препознавање лица и потези.
Очилата се развиени по партнерството со Google и Qualcomm од февруари 2023 година. Пред претставувањето, „Самсунг“ наводно треба да ја објави и својата „Икс-ер“ софтверска платформа, што треба да се случи до крајот на овој месец.