Во секојдневниот урбан хаос, реалноста суруво нè брка во потрага по стандарди, вредности и конзумеризам, во сите сфери од нашето живеење, што повеќе ги задоволуваат нашите егзитенцијални потреби, отколку што не прават среќни и исполнети. И во тој хаос е реткост, особено во центарот на Скопје да се наиде на мирно и место исполнето со многу светови потиснати на маргините од она што вообичаено се смета „ин“, во „тек со времето“, современо, а истовремено комерцијализирано, во кругот на она што се нарекува пишан збор, литература, книжевност, уметност.
Но, постои алтернатива, постои ангажираност и постои желба и посветеност да се надминат препреките на „индустријализацијата“ на книжевноста. Таков простор нуди кафе-книжарницата „Илика“.
Во разговорот со Катерина Шекутковска, ко-сопственичка на издавачката куќа и кафе-книжарница „Илика“, зборувавме токму за идеите, вредностите и активностите кои во година и пол од нејзиното постоење ги креира и промовира издавачката куќа и кафе-книжарницата.
Катерина по професија е германист, магистер по германска книжевност и во моментот работи на докторски труд. Таа е уредничка, ја води книжарницата и се занимава со книжевен превод.
„Јас 9 години живеев и работев во Германија. За време на студиите од областа на германската книжевност, во чиишто рамки имаше и специјализирана програма за медијација на книжевноста (односно како можеме да ја комуницираме книжевноста надвор од теоријата), научив многу како се води, ете и во таа држава, една издавачка куќа, кои се актерите коишто се вклучени во производствените процеси во оваа работа, но и како се водат различни типови на книжарници. На некој начин, можам да кажам дека во сите аспекти, дали во уредничката работа, градењето на издавачката куќа или во водењето на книжарницата, таа култура влијаела и врз мене како човек и врз концептот и профилот на „Илика“, вели Катерина.
Илика од идеја до реализација
Кафе-книжарницата „Илика“ нуди изданија од помалите, алтернативни, издавачки куќи, тие што не доминираат толку многу на пазарот. Покрај нејзините изданија, во книжарницата читателките и читателите може да најдат изданија од издавачките куќи Темплум, Бегемот, Флипбук, Сказнувалка, Гаврош, Светулка, Слово, Сигмапрес, имено, од издавачки куќи кои кај нас се притиснати малку на маргините, односно чиишто изданија не можеме да ги забележиме на полиците во големите книжарници.
„Илика“ настана како идеја што ја имавме јас и мојот ортак Ацо Пероски, уредник, преведувач и доктор по филолошки науки. Со Ацо долго време соработувавме пред да се одлучиме да ја основаме Илика, во областа на преводот и уредништвото. По некое време сфативме дека би сакале да работиме на некој свој концепт, долго време бевме во дијалог околу тенденциите во современата книжевност што ни се допаѓаат. Во еден момент сфативме дека сме спремни да го направиме тој чекор. И така настана „Илика“. Првин започнавме со детска литература, со едно издание од нашата едиција која што е посветена на детската литература, „Продавницата за желби на Алберта“, а потоа започнавме и со другите едиции, посветени на современата драма и театар, современа проза“, објасни Катерина.
Таа и нејзниот ортак ја основаат и кафе- книжарницата во која има одбрани изданија со кои се истакнува работата на малите издавачи.
„Ограничени сме и со простор, мора да развиваме некој концепт којшто од една страна ќе биде соодветен на просторот, но и истовремено ќе ја истакнува работата на ваквите мали издавачи. Книжарницата функционира и како кафѐ. Повремено организираме и настани. Зимно време повеќе сме посветени на нашиот книжевен кружок, средби кои што ги остваруваме еднаш до двапати месечно, при коишто се среќаваме и разговараме за одредена книга. Летно време организираме и промоции, разговори со писатели и писателки, преведувачи. Преку овие настани сакаме да ја истакнеме работата во овој огранок од областа на културата, за да ја развиеме свеста кај луѓето дека се работи за област во којашто се вложува многу труд, а овој труд многу ретко е директно видлив“, објасни Катерина.
Комуникација, промоции, донации
Комуникацијата со читателската публика засега оди преку социјалните мрежи, но Катерина се надева дека до крајот на годината ќе биде готов и нивниот веб-сајт.
„Најмногу комуницираме и ги пренесуваме информациите преку нашите канали на социјалните медиуми, Фејсбук и Инстаграм. Тоа е моментално наједноставниот и најбрзиот начин како може да се искомуницира одредена информација во денешно време. Работиме на нашиот веб –сајт што се надеваме дека ќе го пуштиме во употреба до крајот на годината. Исто така и преку медиумите проследуваме информации за некои наши настани. Во принцип сѐ е објавено на Инстаграм и Фејсбук. Доколку сака некој да ни се придружи може да ни пише мејл и да го најави своето присуство за одреден настан, ова се разбира важи за малите настани од затворен тип, како што е книжевниот кружок“, објасни таа.
Поради начинот на кој комуницираме со нашата читателска публика ми се чини дека повеќе ја анимираме и привлекуваме помладата публика, студентите и луѓе до 35 години. Меѓутоа ме радува тоа што полека почнуваат да доаѓаат и луѓе и од други старосни групи. Се надевам дека во иднина ќе можеме да организираме и некои кружоци кои ќе бидат наменети баш за некои групи што се занемарени, како пензионерите, за кои нема некоја културна понуда. Сепак, во моментов, младите се тие кои ја носат Илика на грб.
„Претходнава година правевме работилници и промоција на детски книги, меѓутоа тоа не единствениот фокус на издавачката куќа. Децата се дел од целните групи со кои што сакаме да комуницираме, издавачката работа на Илика не се сведува единствено на детска литература. Минатата година заедно со Андријана Папиќ Манчева ја развив работилницата за книгата „Што е река?“. Во рамки на работилницата на децата им нудиме можност еден час да се дружиме и да зборуваме за важноста на реките како еко-системи. Целта не е само промоција на сликовницата, туку и да искомуницираме една еколошка тема со децата. Работилницата досега сме ја одржале 6 пати. Кај детската литература, сепак, јас би го ставила квалитетот пред квантитетот, бидејќи е важно тие содржини да се добро изработени, соодветни за деца на одредена возраст“, истакна Катерина.
Во соработка со „Култура Бета“, Илика прима и донации на книги, нудејќи им простор, а продажбата оди за афирмација и промоција на младинската култура.
„Одвреме-навреме примаме и донации во книги. Сето ова започна како дел од една акција која што ја правевме заедно со „Култура Бета“, младинска организација што се занимава со афирмација и промоција на младинската култура во Македонија. Лани во септември организираа еден мал фестивал во дворчето на Илика каде што се продаваат тие книги, а луѓето имаа можност да се запознаат со младинската култура преку промоција на една поетска збирка на авторката Филипа Попова. Во моментов има доволно книги, но можеби ќе отвориме некој следен повик да собереме нови книги, коишто ќе се продаваат во „Илика“, а донациите од продажбата повторно ќе бидат наменети за „Култура Бета“. Илика во овој проект го отстапува својот просторот, но е дел и од една прекрасна акција во којашто заедницата прави нешто за заедницата“, вели Катерина.
Културните простори наша лична одговорност
Со Катерина разговаравме и за вредностите, критериумите, но и условите во кои се развива кутурата, уметноста, книжевноста во нашата земја.
„Забележувам дека нашата читателска публика особено се интересира за одреден тип на книги и наслови. Вредностите по коишто трагаме, книжевни, формални, содржински, веќе се на некој начин дел од нашата издавачка програма. Ние се фокусираме на современ израз во книжевноста, значи современа книжевност или современи интерпретации на старото. И тие вредности и критериуми ги бараме на некој начин и кај другите издавачи. Фокусот го ставаме пред сѐ на феминизмот, не само во форма на феминистичка теорија туку и преку афирмација на авторките, на женското писмо и женското искуство во книжевноста. Тоа мене лично ми е многу важно. Ангажирана книжевност, екологијата и еколошките вредности, одржливи начини на живот. Фокус ни е и квир литературата и се обидувам во книжарницата да бидат доволно видливи книгите со таквата тематика.
Не можеме во културата или уметноста да се држиме до оние конзервативни сфаќања дека тие лебдат некаде во облаците, а целиот свет се случува некаде надвор од нивната сфера. Политиката и културата се тесно поврзани, но исто така и се условуваат меѓусебно. Мојот личен впечаток е дека не зборуваме доволно за тоа колку е условена нашата уметност и квалитетот на нашата уметност од условите во кои што ја создаваме. Доколку би имале подобри услови, ќе создаваме и подобра уметност. Тоа се обидувам да го применувам и во издавачката куќа, во насока на создавање подобри услови за работа. Мислам дека треба да ги напуштиме тие идеи дека писателот, уметникот, треба да биде сиромашен и да нема леб за јадење за да создаде нешто генијално, вели таа.
Но, културата е наша одговорност, како таа ќе се развива, како ние ќе се придонесеме, дали ќе ја направиме зависна или тие ментални и физички културни простори ќе ги развиваме по лично убедување, ние одлучуваме.
„Ако смеам да си дозволам една генерализација, би кажала дека општиот менталитет во оваа средина се карактеризира со пренагласено инсистирање на помош и на култура на помагање. Се разбира дека е нужно да не забораваме дека живееме во заедници, но важно е да изнаоѓаме начини како да постоиме без да сме зависни од нечија поддршка. Тоа е стратегијата со којашто ја водам „Илика“. Издавачката куќа оваа година првпат добива поддршка од државата, досега сме работеле независно од неа што за мене лично како човек и како некој што работи во оваа област е многу големо достигнување. Таа поддршка ја прифаќам, но не би сакала ни во иднина оваа поддршка да биде примарна, туку напротив, да работам и понатаму во насока на градење заедница којашто ќе знае дека постоењето на простор како Илика и некои други културни простори е наша лична одговорност. Да не се сведе поддршката на хуманитарен чин, туку ангажманот околу задржувањето и зачувувањето на ваквите физички и ментални простори да го прави човек и од свое лично убедување. На крајот на денот, во ова најдобро се гледа дека секој од нас решава во каква заедница и во какво опкружување ќе живееме“, истакна Катерина.
Илика е простор каде можете да си ја испиете вашата дневна кафе доза, а истовремено да го нахраните вашиот ум со современиот јазик на книжевноста кој го цени квалитетот на она што го нуди.
Биљана Јордановска / Цивил Медиа