Генералниот Директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев и Мориц Реме, директор на канцелариите на КфВ Банка за Северна Македонија и Косово денеска ги потпишале сепаратните договори кои се договори за имплементација на проектите фотонапонска електроцентрала Битола 2 и втората фаза од ветерниот парк „Богданци“.
Како што соопштија од АД ЕСМ, во декември 2024 година, АД ЕСМ и КфВ развојната банка на СР Германија ги потпишале договорите за заем наменет за изградба на два нови капацитети за производство на обновлива енергија.
На потпишувањето на договорите присуствувале и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија.
– Новите електрани ќе ни овозможат зголемување на домашното производство на зелена електрична енергија и забрзување на патот кон наша целосна енергетска независност. Тие капацитети ќе ни овозможат и побрзо достигнување на европските норми за емисии на стакленички гасови, односно обезбедување на здрава животна средина, почист воздух за нашите граѓани. Во делот на економијата, меѓу другото, произведената зелена енергија преку новите капацитети, ќе им овозможи поголема конкурентност на извезените домашни производи поради прилагодување со CBAM регулативата за јаглеродна давачка, односно јаглеродно гранично прилагодување, изјавил Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ.
Поволниот кредит од 55 милиони евра од страна на КфВ банката, наменет за фотонапонската електрана Битола 2 во износ од 47,3 милиони евра и ветерниот парк Богданци – Фаза 2 во износ од 7,7 милиони евра, се додава во соопштението, се доказ за успешните политики на Владата во делот на декарбонизација на енергетскиот сектор, како и на заложбите на АД ЕСМ за зголемување на домашното производство на електрична енергија и за изградба на одржлив енергетски сектор кој поседува капацитет да се справи со предизвиците на глобалните економски текови.
Благодарение на одличните односи со КфВ банката во кои гледаме сериозен партнер за зајакнување на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем и транзицијата кон зелена енергија, се наведува, продолжуваме да го трасираме патот кон одржливо енергетско сценарио преку реализација на нови проекти од обновливи извори.
– Со потпишувањето на овие посебни договори го отвораме патот кон имплементација на нови значајни обновливи капацитети, кои во исто време значително ќе ги намалат емисиите на стаклена градина од производството на електрична енергија. Ние сме убедени дека овие инвестиции ќе ја поддржат земјата во нејзините напори за декарбонизација на нејзиниот енергетски сектор и ќе обезбедат важен дополнителен приход за ЕСМ во идните години, изјавил директорот на Канцелариите на КфВ Банката во Косово и Македонија, Мориц Реме.
Амбасадорката на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија, Петра Дрекслер изјавила дека Германија ја поддржува енергетската транзиција на Северна Македонија не само бидејќи таа е корисна за климата, туку бидејќи независното и одржливо снабдување со енергија му служи исто така и на економскиот развој.
– Живееме во вмрежен свет. Она што е од корист за граѓанките и граѓаните во Северна Македонија, тоа е исто така од корист и за нас во Германија и во цела Европа. Ќе продолжиме да ја негуваме нашата соработка со Северна Македонија и во иднина, затоа што сме убедени во тоа, дека од партнерската соработка во крајна линија профитираат сите, рекла амбасадорката.
Во соопштението се посочува дека реализацијата на двата зафати дополнително ќе го збогати портфолиото за обновливи извори на АД ЕСМ, ќе придонесе за дополнителна стабилност на енергетскиот систем и ќе влијае на намалување на зависноста од увоз на електрична енергија. Овие инвестиции, имаат и социо-економски придобивки затоа што ќе отворат нови зелени работни места. ФЕЦ „Битола 2“ и проширувањето на ветерниот парк „Богданци“ се дел од долгорочните планови на државата кон зелената енергетска транзиција.