Пишува: ТОНИ ПОПОВСКИ
Во јавноста се отвора дебата за можноста да се организираат вонредни собраниски избори и истата се преклопува со интензивираната агенда на ЕУ за проширување. Главната кочница за нас остануваат уставните измени. Европскиот совет и Европската комисија повторно порачаа дека тоа е услов за продолжување на преговорите. Во исто време, во Брисел се дискутираат нови модели: постепена интеграција, ограничувања на одлучување и вето-права за идни членки, построг мониторинг на владеење на правото итн.
Во продолжение моја анализа на прашањето – дали вонредни собраниски избори се неопходни и кои би биле импликаците, надополнета со еден конкретен предлог.
Хипотетички, изборите би можеле да дадат нова демократска потврда за преферираниот пристап на општеството (избирачите) кон уставните измени но и други поврзани аспекти како што е спроведувањето на билатералниот договор со Бугарија и протоколите. Истовремено, изборите би ја одложиле конечната одлука околу ЕУ-агендата за минимум половина година и тоа во период кога Брисел е во фаза на носење на стратешки одлуки, и би ја засилиле поларизирачката реторика со ризик домашната европска дебата да се претвори во референдум „за/против рамката за преговори “, наместо во дебата за нашата преговарачка стратегија.
Затоа мојот заклучок е дека изборите не се неопходни но повеќе од неопходна е заедничка политичка одлука односно слога или национален консензус за нашата преговарачка стратегија.
Ако примарната цел е да се обидеме одржливо да исчекориме кон ЕУ, поефикасен пат е низ инклузивен процес да се дојде до собраниски договор сега. Ако таков договор е невозможен, изборите можат да бидат политичко излезно решение но со висок ризик дека изборните кампањи наместо решение ќе произведат дополнителна радикализација и разидување на ставовите. Во најлошо сценарио, поради радикализирана кампања (за очекување кај нас) наместо позицијата на власта за надградба на рамката преку барање гаранции, во инерција на кампања може да го добетонира отфрлањето на сегашниот услов за уставни измени, а со тоа и рамката за преговори, што за последица ќе има евроинтеграциски застој на подолг рок.
Дали има некаков поефикасен и помалку ризичен механизам во споредба со вонредните собраниски избори?
Постигнување на Лидерски договор (евентуално под покровителство на претседателката) е тестиран пристап кај нас односно класичен македонски модел на вонпарламентарна лидерска средба со јавно усвоен документ.Таков документ би можел да содржи: поддршка за европскиот пат; прецизно дефинирани гаранции што државата ги бара; заедничка обврска дека уставните измени ќе следат само доколку се обезбедат политички гаранции и обврска никоја партија да не го злоупотребува процесот за дневнополитички цели. Колку е моделот класичен толку е и неговиот недостаток класичен бидејќи помеѓу највлијателните партии меѓусебната доверба е многу ниска и секоја партија може подоцна да се повлече.
Вториот модел за кој се дебатира е инцијативата за референдум како механизам со теоретски најсилен демократски легитимитет но со еден крупен парадокс. Прашањето не е „Дали сте за ЕУ?“ затоа што поддршката за пристапување е сè уште мнозинска но би можело да биде „Дали сте за уставни измени под услов ЕУ да гарантира дека нема нови билатерални барања (надвор од Копенхашките критериуми и правото на ЕУ)?“. Токму тука настанува проблемот: како правно да се дефинираат тие гаранции кои имаат претежно политички, а не правно обврзувачки карактер, и може дополнително да се наруши довербата и во домашните институции и во ЕУ. Секако со референдумот се поврзани и други крупни ризици: дополнителна поларизација, подлабока неизвесност доколку референдумот – дали поради начинот на кој ќе се состави прашањето или спротивставените политички позиции биде неуспешен, скусен простор за дипломатска флексибилност и приспособување на променливите околности односно отежната способност на државата да реагира на одлуки кои ќе се носат во рамките на ЕУ. Не помалку значаен е и ризикот од етнополитичка асиметрија во перцепциите и продлабочена поделба помеѓу Македонците и Албанците за ова прашање. Можна е и деликатна меѓународна интерпретација на самата иницијатива, а потоа и на резултатот од референдумот. Референдумот може да се протолкува како сигнал дека државата повторно го отвора веќе постигнатиот компромис или бара редефинирање на основните параметри на процесот. На крај, одење на референдум е слично како и одење на избори бидејќи има временски, квалитативен – реформски и финансиски трошок. Постои ризик целокупната политичка енергија да се пренасочи кон референдумската мобилизација.
Некакво излезно решение може да биде Собраниска иницијатива/обраќање до Европскиот совет за обезбедување предвидливост и кредибилност на пристапниот процес. Оваа иницијатива или обраќање квалитативно се разликува од собраниска декларацијата која е внатрешно-политички документ кој испраќа порака кон домашната јавност. Обраќањето до Европскиот совет има двојна функција: создава и одразува национален консензус дома и ја интернационализира нашата загриженост пред највисокото политичко тело на ЕУ.
На тој начин не би настапиле како држава што се повлекува од процесот, туку како држава што бара процесот да остане верен на сопствените европски принципи. Во текстот на иницијативата/обраќањето не мора и да го користиме зборот „гаранции“ бидејќи во Брисел го разбирааат како барање по однос на одлучувањето, и повторуваат дека е едногласно. Но ако се каже:„Бараме политичка потврда дека пристапниот процес треба да се води врз основа на Копенхашките критериуми и acquis, а не преку нови ад хок билатерални идентитетски условувања“, тогаш тоа станува политички легитимно барање. Не се бара исклучок од правилата туку доследна примена на правилата.
До конечен текст на едно вакво барање треба да се дојде низ инклузивен процес со вклучување на сите засегнати страни. Во продолжение еден можен нацрт.
ОБРАЌАЊЕ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДО ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ
за зајакнување на предвидливоста, кредибилноста и реформската суштина на пристапниот процес на Република Северна Македонија кон Европската Унија
Собранието на Република Северна Македонија, тргнувајќи од стратешката определба на државата за полноправно членство во Европската Унија, од интересот на сите граѓани за стабилна, демократска и европска иднина, како и од потребата пристапниот процес да остане кредибилен, предвидлив и заснован на европските критериуми,
– потврдува дека членството во Европската Унија останува највисок надворешнополитички, безбедносен, економски и демократски приоритет на Република Северна Македонија.
– Собранието ја потврдува посветеноста на државата кон реформите во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, професионализацијата на јавната администрација, економската конкурентност, јавните набавки, медиумските слободи, заштитата на човековите права и целосното усогласување со правото на Европската Унија.
– Собранието нагласува дека овие реформи не се само услов за членство во Европската Унија, туку суштинска потреба на македонското општество и основа за праведна, функционална и просперитетна држава.
– Истовремено, Собранието смета дека кредибилноста на пристапниот процес зависи од заемна доверба: од една страна, од реална и мерлива реформска испорака од страна на Република Северна Македонија; од друга страна, од предвидливост на процесот и доследна примена на Копенхашките критериуми, европското право и вредностите на Европската Унија.
– Собранието затоа се обраќа до Европскиот совет со барање за политичка потврда дека понатамошниот пристапен процес на Република Северна Македонија ќе се води врз основа на Копенхашките критериуми, правото на Европската Унија, усогласувањето со acquis communautaire и мерливи реформски резултати, без воведување нови ад хок билатерални, историски или идентитетски условувања надвор од европските критериуми и веќе договорената рамка.
– Собранието не бара исклучок од правилата на Европската Унија, ниту привилегиран третман. Напротив, бара доследна примена на европските правила, така што процесот на проширување ќе остане нормативен, реформски и предвидлив, а не инструмент на повторливи билатерални блокади.
– Собранието ја потврдува важноста на добрососедските односи како европска вредност и како траен интерес на Република Северна Македонија. Добрососедството треба да се развива преку дијалог, заемна почит, спроведување на постојните договори со добра волја и европски пристап, но без претворање на идентитетски и историски прашања во бесконечни предуслови за европска интеграција.
– Собранието оценува дека евентуалните уставни измени поврзани со пристапниот процес претставуваат сериозен и долгорочен уставно-политички чекор, чиј легитимитет зависи од јасна европска перспектива, предвидлив процес и доверба дека таквиот чекор ќе води кон суштинско продолжување на преговорите.
– Поради тоа, Собранието смета дека е легитимно во домашниот правен и политички систем да се предвиди заштитен механизам на институционална ревизија. Таквиот механизам не би имал цел да оспори нечии права, ниту да ја релативизира европската определба на државата, туку да обезбеди Собранието и Владата да ја преиспитаат состојбата доколку пристапниот процес биде блокиран поради причини што не произлегуваат од Копенхашките критериуми, правото на Европската Унија или мерливи реформски обврски.
– Во таа насока, Собранието смета дека евентуалниот уставен закон поврзан со уставните измени може да содржи клаузула за институционална ревизија, според која, доколку процесот биде блокиран по основи надвор од европските критериуми и правото на Европската Унија, Владата ќе биде должна во определен рок да поднесе извештај до Собранието, а Собранието да утврди политички насоки за натамошното водење на пристапниот процес. Овој механизам ќе биде формулиран внимателно, во согласност со Уставот, европските стандарди, принципите на Венецијанската комисија и обврските на државата во областа на човековите и малцинските права. Неговата цел е да го заштити легитимитетот на компромисот, а не да создаде нова неизвесност.
– Собранието ја повикува Европската Унија да ја препознае оваа иницијатива како израз на демократска зрелост, општествена посветеност на реформите и искрена намера Република Северна Македонија да продолжи по европскиот пат, но во процес кој е кредибилен, предвидлив и заснован на европски вредности.
– Собранието изразува подготвеност Република Северна Македонија да ги исполни своите обврски, да ги забрза реформите и да придонесе кон стабилноста, безбедноста и европската иднина на регионот. Истовремено, очекува од Европскиот совет јасна политичка потврда дека напредокот на државата ќе се оценува според европските критериуми, реформските резултати и правото на Европската Унија, а не според нови билатерални условувања надвор од тие рамки.
Ова обраќање се доставува до претседателот на Европскиот совет, членовите на Европскиот совет, претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот парламент, Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, како и до парламентите и владите на државите членки на Европската Унија.
Текстот е личен став. Преземено од ФБ профилот на Авторот







