Од ЕУ добивме радосна и долгоочекувана вест – отпочнуваме преговорите за членство во ЕУ, истакна на денешната прес-конференција лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Исправена е историската грешка истакна Заев. Ова е охрабрувачка порака која дава поттик да продолжиме понатаму.
Со мудри државнички одлуки, со реформи во сите сектори, во само две и пол години успеавме да ја внесеме во НАТО и да ја доближеме државата до европското семејство, истакна Заев.
„Ја ослободивме државата, презедовме чекори и донесовме храбри одлуки за да ги решиме проблемите со соседите. Ставивме крај на расипништвото и на стравот, ја ставивме економијата на здрави нозе, ја внесовме земјата во НАТО и еве сега почнуваме преговори со ЕУ. Ваквите храбри чекори ги преземаме и во борбата против корона вирусот. Веднаш после оваа одлука на ЕУ, добивме и 66 милиони евра од ЕУ.“, потенцира Заев
Заев рече дека ова е успех на сите наши граѓани, но еве ние ја имавме среќата да успееме. Со храбри одлуки, со одлучност да одиме напред – успеавме. Со денешниот ден завршува нашето 15 годишно чекање, враќање назад нема, потенцира Заев. На овој успех треба да се радуваат сите политички партии, и сите граќани
По денешната одлука нашата иднина е посигурна од било кога, порача Заев.
Заев се заблагодари на сите европски пријатели кои помогнаа да се дојде до овој историски чин.
Честитки, истакна Заев, стигнаа од сите од амбасадорите, од лидерите на државите, но не и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Зоран Заев им порача на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе има партиско-политички мегдани многу, но на оваа одлука се должни да се израдуваат и да им честитаат на граѓаните.
Ј. Ѓ.