Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп го делат истиот рејтинг на популарност кај Американците, но оценката за непопуларност на Трамп е речиси двојно поголема, покажува новата анкета на Economist/YouGov, што ја објави Њузвик, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
Трамп оваа недела го нападна Зеленски за неговата намалена популарност во украинските анкети, лажно тврдејќи дека украинскиот претседател има рејтинг од 4 проценти, без да изнесе докази.
Трамп, исто така, погрешно тврдеше дека Украина ја започна војната со Русија.
Што вели анкетата
Во анкетата на The Economist/YouGov во која беа анкетирани над 1.600 возрасни Американци од 16-18 февруари, и Трамп и Зеленски постигнаа позитивно мислење од 47 отсто. Трамп има 49 отсто неповолен рејтинг во споредба со 28 отсто на Зеленски. Анкетата има маргина на грешка од 3,3 отсто.
Зеленски е најпопуларен кај Американците на возраст од 65 години и постари, со 60 отсто, додека Трамп е најпопуларен кај белците, со 54 отсто, покажува анкетата.

Сличен сооднос со Трамп има потпретседателот ЏД Венс, со однос 42 одсто позитивен рејтинг, наспроти 47 % негативен.
Минатонеделната анкета на „Економист/ЈуГов“ покажа рејтинг на популарност на Трамп од 46 отсто, со неповолен рејтинг од 52 отсто.
Рејтингот на популарноста на Трамп е се поблиску до нето-позитивата по победата на претседателските избори во ноември, според анкетниот агрегат 538.
Убедливо најнепопуларна личност кај Американците, според анкетата е рускиот диктатор Владимир Путин, за кого поволно мислење имаат 12 отсто од испитаницит, додека како непопуларен се појавува кај 75 % од анкетираните Американци.
Една информација од анкетата привлекува особено внимание, тоа е бројката од 4% Американци со „многу позитивно“ мислење за Путин, што некако коресондира со лажното тврдење на Трамп дека украинскиот претседател Зеленски има поддршка кај украинците од 4%.
Драган Мишев / Цивил Медиа