Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Додека кај нас траат препукувањата, па и кавгите меѓу потрошувачите и Синдикатот од една страна и одговорните за високите цени во трговијата за широка потрошувачка – Владата и трговските фирми – од друга, деновиве една вест која доаѓа од регионот го привлече нашето внимание. Имено, еден од најголемите македонски трговски синџири „Стокомак“ предвидува отворање на пет модерни дисконти наскоро на српскиот пазар и тоа во Пирот, Ниш, Параќин, Лесковац и Панчево, а компанијата е во финални преговори за уште неколку други локации, како што објави Ритејл Србија.
Фирмата „Стокомак“ кај нас има 70 маркети и влегува во самиот врв на компаниите од овој сектор и позната е по тоа што често има и попривлечн цени, погодни и за оние со понизок стандард. Сепак, ако оваа фирма може со такви цени да се шири постојано (основана е пред 27 години), како да се коментира профитот на оние другите што за народот се поскапџии. Ако такви профити постојат, зошто новооснованата Трговска комора, формирана деновиве (!) заради настаната ситуација, односно притисокот на јавноста кон нив, дава такви фаталистички прогнози за своите членки?
Едни го чуваа стандардот, другите по нив – интересот на олигарсите
Никој не може да ја порекне вистината дека една од најзначајните разлики од владеењето на претходната владина гарнитура (онаа пред мај 2024 година) и оваа сегашнава, на економски план е токму борбата за чување на стандардот на граѓаните, со акцент на заштита на покревките социјалните слоеви. Кабинетот на премиерот Мицкоски – зависен од влијанието на Стопанската комора, дури може да се рече дека условен од нив, дури и влечен за ракавот – е немоќен. Дури и покрај потребата да опстои трипартизмот во земјата како едно наследство на плуралистичката демократија, засега го одбегна дијалогот со работничките претставници за утврдувањето на минималната плата, инсистирајќи на „точни бројки“ околу т.н. синдикална потрошувачка кошница. (Прочитајте и: „ЛОГИКАТА НА МИЦКОСКИ: Ако немате за леб, јадете колачи“, ЦивилМедиа, 13/02/25)
Шефот на Владата со однесувањето на овој план наиде на вистинска луња во одгласите на граѓаните, толкави што дури и медиумите што постојано му се наклонети го бомбардираа со критики. Засега Владата, во очевидно отсуство на премиерот од земјата кога е „густо“ по низа внатрешни прашања, па дури и во своевидна бежанија и на министерот за економија Дурмиши, кој исто така деновиве се оддаде на надворешна политика (!), донесе некакви мерки кои не ја задоволуваат ниту една страна; па не е јасно дали социјалниот дијалог отишол на некое скалило погоре кон компромис или се наоѓа на врвот на егзистенцијалниот вулкан.

Додека премиерот е во САД, а министерот во Катар…
Деновиве, погласни во тоа одмерување на силите се трговците кои се лути на она што на Илинденска број 2 го донесоа на седницата во вторникот, на 18 февруари. Се работи за одлука за ограничување на бруто профитната маржа (БПМ) во трговија на големо и на мало и одлука за утврдување на највисоките цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, единствениот дежурен во тој миг на шалтерот на интересот на јавноста за својата судбина, кажа дека Владата донела одлука со која се ограничува маржата во трговија на големо и трговија на мало на 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи. И тоа: на 5 отсто БПМ на основните осум прехранбени производи и тоа млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.

Ова делува утешно, навидум, ама тоа значи дека цените на овие производи, секако битни за дневната потрошувачка, остануваат исти на нивото на кое се денес, а тоа за најголем дел од населението е оценето како изгор и неприфатливо. Постојат и осум групи на производи, каде профитната маржа се ограничува на 10 отсто како што е месото и преработките од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини, и на ограничување на 15 отсто на средства за хигиена и свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија итн. Одлуките ќе важат по објавување во Службен весник, а ќе траат времено (!), односно само до крајот на април.
Практично, владината мерка е обид да се покаже грижа за велигденско-рамазанската кошница на производи со замрзнати, а не и намалени цени. Во однос на сегашната незавидна позиција на купувачот, во маркетите нема промени. Ќе остане сѐ по старо и тоа само во наредните 60 дена! Потоа може да има потоп.

Профитерите жестоко го штитат својот интерес
Трговците реагираа како и нивните, далечни во времето, колеги од ерусалимскиот храм – оној од Библијата – бидејќи не се задоволни со она што Владата го бара од нив. Дали се во право, тоа е централно прашање во мигот?
Како што изјави неодамна Даница Блажевска од „Рептил маркети“, претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има реално намалување на цените (само) на 100 до 200 производи.
„Бараме да се намали големиот број на производи кои се опфатени во мерката и да се сведе на 100 до 200 кои се вистински потребни, бидејќи сега се опфатени над 1.000 производи. Тоа создава проблем во секојдневното работење за контрола на цени за да добиеме подобри цени од произведувачот и добавувачот. Тоа е многу напорно и не може да се постигне доволна контрола, бидејќи, се случуваат злоупотреби со картончињата на кои се напишани цените, ги вадат, паѓаат. Тоа, пак, ни создава голем ризик фактор дека може да дојде инспекција и да ни најде дека е неодбележана цената“, рече Блажевска по средбата во Министерството за економија и труд.

Ако лаже козата, рогот не лаже
Но, да ја тргнеме дебелата театарска завеса од дневната социјално-економска сцена. Така, според објавените податоци во порталот Фактор за работењето на 100-те најголеми фирми во земјава, генерално најзастапена економска дејност во тие компании е трговијата без разлика дали е тоа трговија на големо или на мало, ниту пак дали е трговија со струја, горива, тутунски производи, автомобили, лекови или стоки за широка потрошувачка. Повеќе од 40 компании на листата го имаат атрибутот трговски фирми без разлика на стоките или услугите што се нивна специјалност.

Ги побаравме, за потребата на темата, само оние од листата во кои потрошувачите влегуваат на дневна основа, пред сѐ, оние каде што се намируваат основните потреби. Така, „Кам ДОО“ трговија на мало е 10-та на таа ранг листата на доходовност (приход од 187,5 милиони евра или чист доход од 5,1 милиони евра, односно 2,7 отсто од приходот).

На 23-то место е „Тинекс“ со годишен приход од 102,6 милиони евра, профит од 2,6 милиони евра или 2,5 отсто, додека „Кипер маркет“ е веднаш зад него со приход од 99,3 милиони евра и добивка од 4,8 милиони евра или исто толку процентни поени.

Веќе споменатиот „Стокомак“ е на 29-то место со приход од 94,5 милиони евра и доход од 3,6 милиони или 3,8 отсто од приходот. Звучното име „Веропулос“ е на 36-то место и профит од 10,3 милиони евра (!) или волшебни 12 отсто.

По подолга листа на фирми од други дејности на 52-ро место е „Кит-го“ со 61,5 милиони евра, 2,2 милиони евра профит или 3,3 отсто. На 59-то место се искачи некогашниот аутсајдер „Жито Велес“ со 58,4 милиони евра или профит од 1,1 милион евра или 1,9 отсто од прометот. Некогаш звучниот „Рамстор“ е под него, на 63-то место со приход од 53,4 милиони евра, добивка 1,4 милиони евра, или 2,6 отсто. Со тоа завршува листата на најголемите трговци на мало во 100-те најголеми по приходот, кој изнесува над 12 милијарди евра.
Но, овој поглед не е доволен за да се сфати колку оваа дејност е доходовна, бидејќи, на секој чекор никнуваат маркети од овој тип, нешто како што некогаш се појавуваа масовно кладилниците. Јасно е дека тоа е дејност која просто се исплатува.
Ниските плати на вработените се еден можен одговор за доходовноста на трговските фирми. Еве еден поглед на нашите трговци по доходовноста, добиена по вработен, во анализа на порталот „Пари“ која покажува дека македонските маркети се на самиот врв во регионот ‒ со 5.459 евра профит по вработен. Зад нив се трговските синџири во Хрватска со 5.404 евра добивка по вработен, иако оствариле многу поголеми приходи по вработен, дури 219.644 евра, со што по промет се на прво место во регионот. Приходот по вработен во македонските маркети изнесува 145.780 евра. Најголемите маркети во Србија и во Црна Гора имаат полоши перформанси од македонските и од хрватските. Приходите по вработен на најголемите маркети во Србија изнесуваат 109.470 евра, а во Црна Гора 102.879 евра. Профитот по вработен во српските маркети изнесува 3.444 евра, а во Црна Гора е 3.405 евра.
Секој ден во секој поглед напредуваме, особено во подигнување на цените
Треба ли да напоменеме дека Хрватска е првата земја каде се јави бојкотот на трговците и потоа се прошири низ целата екс-Југославија, со тоа што кај нас како да губи здив, а онаму каде што куната се замени со евро, се продолжува на бојкот од три дена неделно! Во Загреб инфлацијата се појави токму при таа промена на валутите кога трговците – итромани божем се „усогласуваа“ со тој момент, ама го искористија мигот да си ја продолжат чергата, а да ја скусат истата на муштериите. Преку ноќ.
Македонија како држава која по бројот на жителите и по учество во џи-ди-пито во екс-Југославија го држеше скромниот скор од 5 отсто во двете категории. Но затоа сега стои многу добро во некаков имагинарен натпревар по доходовност во тој простор, меѓу трговските мрежи на поголемите фирми. На топ листа од 25 најдоходовни фирми во оваа категории нашите „комити“ го држат 9-то, 14-то, 15-то, 16-то, 17-то, 19-то и 25-то место.
Слични се резултатите и по мерење на чистиот приход (профитот) што може да се види и од приложените табели. Тоа се, сепак, податоци добиени лани во октомври врз основа на резултатите од 2023 година. За такви споредби за лани ќе треба барем малку да почекаме. Но тие секако ќе го покажуваат истото: нашите трговци не се даваат, ним им оди добро и подготвени се да се шират во регионот. Како ретко која друга гранка. На нивната глава е круната на профитабилноста.