Џон Литгоу е новото познато лице во „Училиштето Хогвартс“. Обожавателите на „Хари Потер“ веднаш ќе препознаат дека станува збор за новата ТВ-серија, а глумецот потврди дека ја добил улогата на професорот Албус Дамблдор.
– Тоа беше целосно изненадување за мене! Од никаде го добив тој телефонски повик на Филмскиот Санденс фестивал за уште еден филм, и тоа не беше лесна одлука, бидејќи ќе ми го дефинира последното поглавје од мојот живот. Се плашам!, изјави американскиот глумец вчера во интервју за „Скринрент“ (Screenrant).
Тој рече дека е доста возбуден за новата задача.
– Некои прекрасни луѓе го свртуваат своето внимание повторно кон Хари Потер. Затоа беше тоа толку тешка одлука. Ќе имам околу 87 години кога таа „забава“ ќе заврши, но реков „да”, додаде Литгоу.
Тој е првиот глумец кој ја потврди својата улога во серијата, а во овој миг не е објавен официјален кастинг. Серијата допрва ќе се снима, ќе се прикажува од следната 2026., а би требало да трае до 2033 година, со предвидени седум сезони – по една за секоја книга од приказната на писателката Џ.К. Роулинг.
Џон Литгоу (79) во мигов е најактуелен со својата споредна улога на кардиналот Трембли во филмот „Конклава“. Ова остварување, инаку, е номинирано за осум „Оскари“.