– Го поздравуваме брзото постапување на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која оформи предмет за јасниот случај на судир на интереси, непотизам и корупција поврзан со тендерите што ги доби сопругот на државната секретарка Клинчарова во Министерството за дигитална трансформација. Повеќе од јасно е дека министерот Стефан Андоновски е вмешан и главен одговорен за овој случај. Чекорот на ДКСК е во вистинска насока, но сега е на ред Јавното обвинителство – правдата мора да биде задоволена, соопштуваат од СДСМ.
„Фактите се кристално јасни: компанијата на сопругот на Клинчарова добила два тендери, а министерот Андоновски прво се обидуваше да сокрие, а потоа и да оправда оваа скандалозна ситуација со апсурдни изговори. Ова не е само судир на интереси – ова е очигледен случај на корупција!“, велат од СДСМ.
Од СДСМ соопштуваат дека во текот на денот ќе изнесат дополнителни докази кои „ќе ѝ помогнат на ДКСК, но и на сите надлежни институции, во целосно расчистување на овој случај. Не постои никаков простор за различен исход – обвинение мора да следи“.
„Тендерските мрежи на ВМРО-ДПМНЕ мора да бидат разобличени, а одговорните санкционирани. СДСМ нема да дозволи оваа афера да биде заташкана – секој чинител во оваа криминална мрежа мора да одговара пред законот!“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) изјавија дека ќе утврдуваат дали има судир на интереси во случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација.
-Во текот на вчерашниот ден по објавите во медиумите, Антикорупциска комисија оформи предмет по сопствена иницијатива и ќе постапува да се утврди дали има судир на интереси, изјавија кусо од ДКСК за МИА.