САД и Израел контактирале со претставници на три источноафрикански земји за можноста за преместување на Палестинците од Газа на нивна територија, објави американската агенција АП, повикувајќи се на американски и израелски извори.
Според АП, контактирани се официјални лица од Судан, Сомалија и отцепениот регион Сомалиленд.
Меѓутоа, суданските власти соопштија дека го отфрлиле предлогот, додека официјални лица во Сомалија и Сомалиленд рекле дека не биле запознаени со такви разговори.
Белата куќа и американскиот Стејт департмент не одговорија на барањето за коментар на веста.
Претходно овој месец, арапските лидери го одобрија египетскиот план за обнова на Газа од 53 милијарди долари, што не вклучува преместување на Палестинците од енклавата, што е во спротивност со визијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „ривиера на Блискиот Исток“.
Трамп предложи САД да го преземат управувањето со Газа за обнова на опустошената територија, откако претходно сугерираше дека Палестинците може трајно да бидат раселени.