Вкупно 5.250 македонски граѓани затекнати во странство се пријавиле на повикот на МНР, што траеше до 22 март во 18 часот, за организирано враќање во земјава. Од нив, 2.900 граѓани се изјасниле дека сакаат да се вратат и прифаќаат задолжително да одат во државен карантин и да ја платат цената на чинење на авио-билетот, информира државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Зоран Попов.
Во изјава за ТВ Телма, Попов најави дека утре напладне ќе бидат реализирани првите два чартер лета – до Загреб и до Ла Валета во Малта.
– Вчера наутро Генералниот секретаријат на Владата упати јавен повик до авио-компаниите и тур-операторите во Северна Македонија со единствен услов, најниска цена на чинење на летот. За првите два лета тендерот го доби компанијата Wizz Аir. Цената на чинење зависи од капацитетот на авионот и пополнетоста на авионот. Добиената цена по јавниот повик се дели со бројот на патници во авионот. За Загреб имаме Airbus со 230 седишта, до сега се пријавени 226 граѓани, а за Ла Валета имаме 147, Airbus320 со 180 седишта, изјави Попов.
Најголем дел од затекнатите македонски државјани се во Европа, но има и во прекуокеанските земји.
– Се работи за 350 барања од Северна Америка, Јужна Америка, Австралија, Азија и Африка. Ова е покомплицирано, правиме напори во соработка со соседните земји и држави членки на ЕУ, земји кои испраќаат летови да ги соберат своите граѓани од тие дестинации, да се организираме за заеднички специјален лет и преговорите течат во моментот. Правиме сè што е во можност да ги извлечеме и тие наши граѓани. Во моментот приоритетот е на Европа, 95% од вкупно пристигнатите барања, 4.850 од вкупно 5.200 се однесуваат на Европа. Правиме се што можеме да ги извлечеме и нашите граѓаните на другите континенти, вели Попов.
Сите граѓани што ќе се вратат, без ислучок ќе одат веднаш во карантин и за тоа имаат дадена согласност.
– Секој граѓанин е лично контактиран и има дадено лична согласност дека по слетувањето во Северна Македонија ќе оди во задолжителен државен карантин најмалку 14 дена. Согласно досегашните искуства имавме неколку успешни акции, со Црна Гора, со Турција, со Словенија денеска. Со Словенија дел со автомобилскиот конвој, а ќе има и лет. Функционира беспрекорно и без проблеми, државата има организирано соодветни капацитети, тие граѓани се преземаат на граничните премини и се носат во државен карантин, изјави Попов.
Нагласи дека оваа акција се однесува пред се на затекнатите наши граѓани во странство, а не и граѓаните на Северна Македонија кои имаат регулиран престој.