Членовите на бендот ДНК кои починаа од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ќе бидат погребани во текот на утрешниот ден. Пејачот на бендот Андреј Ѓорѓиески, ќе биде погребан на градските гробишта Бутел, а членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓоргиев ќе биде на градските гробишта во Струмица.
Од семејството на Андреј Ѓорѓиески соопштија дека погребот ќе биде во 10 часот, а од Факултетот за музичка уметност (ФМУ) на нивната фејсбук страница објавија дека погребот на Пројковска ќе биде на гробиштата во Лисиче во 12 часот.
– Телото ќе биде изложено во црквата „Св. Петар и Павле“ во Лисиче, објавија од ФМУ.
Од Основното музичко училиште „Боро Џони“ каде Ѓоргиев беше вработен ја потврдија информацијата дека тој ќе биде погребан на градските гробишта во Струмица. Претходно, посмртните останки ќе бидат изложени во Градската капела од 12 часот, а утре во 10 часот вработените во музичкото училиште ќе одржат комеморативна седница.
Во црквата во штипско Ново Село, телата на Филип Стевановски и на Александар Коларов, кои беа дел од бендот на ДНК, ќе бидат изложени од 9 до 11 часот, а во истото време телото на Александар Ефремов, кој исто така беше дел од бендот, ќе биде изложено во црквата „Света Троица“ во Штип.