пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Загреб е најважната епизода во мојот живот. И повеќе од епизода.
Загреб е арматурната мрежа во мојата културна плоча. Во филозофијата на мојот живот. Јас го носам Загреб како жиг во мојата личност. Како андроид во мојот главен компјутер, како баухаус во мојата глава, како рамка на моето постоење.
Загреб ме обликуваше преку својата граѓанска напластеност, преку кристалната форма на западната епистема која тука доживуваше благи закривувања под влијанието на тоа што педесет години подоцна ќе стане Западен Балкан, преку авангардноста, индивидуализмот и либерализмот, преку мултикултурноста на мојот факултет, во градот и во студентските домови во кои живеев и учев, преку медиумската и издавачка дејност и мрежа кои беа лансирни рампи на моите амбиции и стандарди, преку манирите и ритуалите, преку архитектурата која го хармонизира човекот со себе, преку кафеата кои околу центарот беа маалски бирцузи, а во центарот отворени кон надвор (Мандиќ), со нормативите обесени над главите на шанкерите, со гемишти од грашевина и кисела вода, со пелинковец, горки, и црното вино роко и плавац мали, се разбира и со коњакот бадел и вињаците тренк и цезар, со трамваите и со возењето меѓу вагоните, со киното Европа, и Цветниот трг, со Студентскиот сервис преку кој работев се и сешто и добро заработував, преку шансата прв да јавам за штрајкот на загрепскиот универзитет и така да ја почнам својата новинарска кариера итн.
Ги знам сите згради од кои земјотресот урнал парчиња, сите улици и улички, плоштади и пркови кај што се собираат настраданите, уплашените и оние што сакаат да им помогнат. Драмата низ која минуваат луѓерто е просто неверојатна: короната која ги тера загрепчаните да седат во своите домови и земјотресите кои ги бркаат надвор. Па уште со обврска да се држат на дистанца од два метри!
Ужас.
Нема пореба да кажувам дека им посакувам брзо опоравување. Короната ни е заедничка загроза, но земјотресот го чувствувам како оштетувања на нешто што ми е многу блиско и баш се чувствувам унесреќено.
Поздрав аграмери.
Сите права се задржани.