Џабир Дерала од ЦИВИЛ во гостувањето на „24 анализа“, рече дека судството мора да биде ослободено од влијанијата на власта.
Според него, 100 дена од влада се доволни за да се види во каква насока би продолжила со владеење. Тој зборуваше и за казната на Стевчо Јакимовски.
„Судството мора да биде ослободено од упад на власта и не треба таа да го користи како инструмент за нејзиното владеење, како оружје против непријатели, медиуми, универзитети и политички противници. Мислам дека тие 100 дена се индикатор како таа власт ќе владее до крајот на својот мандат и мислам дека се важни. Правосудството е во тешка состојба. Под силно влијание е како на политички структури така и на бизнисот. Тие имаат влијание во секој сегмент и во медиумите и ги држат во рака и политичарите. Тие се владетели во сенка“, рече Дерала.
За пресудата на Стевчо Јакимовски, Дерала рече дека не сака да верува дека несогласувањата меѓу власта и Јакимовски се причина за пресудата.
„Првиот впечаток е дека има нејаснотии. За Јакимовски знаеме дека е на црната листа на САД, таму не се доаѓаа случајно и без заслуги. Не би сакал да помислам но можно е Јакимовски да е еден од казнетите кој бил на една политичка страна а сега е првиот кој го искусува камшикот на оние што се спротивставуваат. Тој се одметна од таа коалиција и е прилично гласен. Не сакам да ги доведувам во врска двете но согласно нашата историја да се пресметуваат преку судските инстанци со своите сојузници не велам дека е исклучено и тоа“, додаде Дерала.