Премиерот Христијан Мицкоски очекува да продолжи тенденцијата на намалување на јавниот долг и неговото ниво до крајот на мандатот на оваа Влада да изнесува под 55 отсто, па дури, како што рече, и под 50 проценти.
Мицкоски очекува и државниот долг до крајот на владиниот мандат да биде под 45 или под 40 отсто.
Според него, важно е и номиналниот БДП да биде 20 милијарди долари.
-Очекувам оваа тенденција да продолжи, имаме ниво на јавен и државен долг во однос на БДП кој е најнизок во последните пет години. Јавниот долг е 57,7 отсто од БДП, а државниот 50,1. Како Влада имаме јасна стратегија до крајот на мандатот овие параметри да ги сведеме на: јавниот долг да биде под 55, а зошто да не и под 50 отсто, а државниот под 45 или 40 отсто. Но, за мене е важно и номиналниот БДП да биде 20 милијарди долари. Сега сме на ниво од 17 милијарди за 2025 година. До крајот на овој мандат очекувам Владата да ги исполни овие три стратешки цели во делот на макроекономските показатели и мислам дека тоа ќе се случи, да не речам сум сигурен, зашто веќе реков, во наредните месеци ќе објавиме убави вести за македонската економија и македонските граѓани, подвлече премиерот.
Министерството за финансии денеска ги објави податоците за нивото на јавниот долг на крајот на првиот квартал од 2025 година. Согласно објавените податоци јавниот долг бележи намалување од 4,7 п.п. во споредба со нивото од крајот на 2024 година и изнесува 57,7 отсто од БДП или намалување за 36 милиони евра во апсолутен износ.