Шефот на данската дипломатија, Ларс Локе Расмусен, вчера изјави дека ќе го повика вршителот на должноста амбасадор на САД во Данска откако „Волстрит журнал“ објави дека Вашингтон им наредил на американските разузнавачки агенции да го засилат шпионирањето на Гренланд.
„Прочитав статија во „Волстрит џурнал“ и многу ме загрижува бидејќи пријателите не се шпионираат едни со други“, изјави Расмусен на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Варшава.
-Ќе го повикаме вршителот на должноста амбасадор на САД на разговор во Министерството за надворешни работи за да видиме дали можеме да ја потврдиме таа информација, која е донекаде вознемирувачка, додаде Расмусен.
САД го засилуваат собирањето разузнавачки информации поврзани со Гренланд, вовлекувајќи го американскиот шпионски апарат во кампањата на претседателот Доналд Трамп за преземање на контролата врз островот, објави во вторникот Волстрит журнал, повикувајќи се на два анонимни извори.
Трамп постојано повторува дека сака да ја преземе контролата врз Гренланд, полуавтономна данска територија на Арктикот, и одби да ја исклучи можноста за присилна анексија, создавајќи дипломатска криза меѓу САД, Данска и Гренланд.
Лидерите на Данска и Гренланд изјавија дека само жителите на Гренланд можат да одлучат за иднината на териториите.
Меѓутоа, тие се обидуваат да најдат рамнотежа помеѓу цврстото отфрлање на американските амбиции во врска со Гренланд и одржувањето добри односи со нивниот традиционален сојузник.